Токму убавините и живописната природа била причина Спасе Манев, кој живее во Ѓорче Петров, да се посвети на истражувањето на овој Кањон. Тој смета дека Матка има уште поголем туристички потенцијал, но како што вели, за жал, делови од просторот денес оставаат впечаток на запуштеност и недоволна уреденост. Затоа предлага да се преуреди улицата која се протега од кафулињата кај големиот паркинг до малиот паркинг, пред самиот влез во кањонот. Нагласува дека овој простор има потенцијал да се пренамени во уредена пешачко-рекреативна патека, наменета за движење на електрични колички и електрични тротинети, кои би можеле да се изнајмуваат, како и за мало туристичко вовче.
Посебно плени пештерата Врело, до чие дно нуркачите сè уште не дошле. Па, затоа, меѓу старите скопјани се шири приказната дека подводната пештера Подврело во кањонот Матка – нема дно
Кањонот Матка, како дел од Скопската Котлина, се простира во нејзиниот југозападен дел, сместен по долниот тек на реката Треска, на површина од 6.576 хектари. Богатството на природни и културни вредности го вбројуваат во еден од најрепрезентативните објекти на природата во Македонија. Мозаикот од најразлични геолошки, геоморфолошки, хидролошки, флористички и фаунистички карактеристики придонесуваат тој да претставува едно од најзначајните заштитени подрачја во нашата држава.
Прекрасните видиковци, богатството на спелеолошки објекти, особено на пештери, уникатниот жив свет, културното и духовното богатство, како и близината до градот, геодиверзитетот, богатството и разновидноста на компонентите на биодиверзитетот (флората, фунгијата и фауната) беа основната причина Собранието на Град Скопје во 1994 година да го прогласи кањонот Матка за споменик на природата.
Природните вредности на споменикот на природата кањон Матка произлегуваат од големото богатство и од диверзитетот на видовите. Одделни растителни и животински видови што се регистрирани на подрачјето на оваа заштитена област имаат особено значење, бидејќи се опфатени со меѓународните инструменти за заштита на природата, односно се вклучени во прилозите на меѓународните конвенции, договори, директиви на ЕУ за заштита на природата и IUCN-црвената листа на загрозени видови.
Поради особеностите на самиот терен и тешката пристапност која нудела поголема сигурност, во минатото во кањонот Матка биле изградени поголем број на цркви и манастири и останати сакрални објекти. Поради тоа го носи и името Света Гора. Денес постојат повеќето цркви од средновековниот период, поголемиот дел се зачувани во целост, а некои се во урнатини или постојат само нивни темели. Покрај верските објекти, високо во кањонот Матка, стојат и остатоците (ѕидовите) од некогашната средновековна крепост Марков Град. Таа била изградена како бег за населението и манастирските цркви, во времето на доаѓањето на Османлиите.
Освен тоа, кањонот на реката Треска е најважниот искачувачки центар во северниот дел на Македонија. Главните искачувања започнуваат во пролет, околу велигденските празници, кога доаѓаат посетители од цела Европа. Сезоната продолжува во текот на летото и есента до ноември. Кањонот на реката Треска е отворен и за кајак.
Токму убавините и живописната природа била причина Спасе Манев, кој живее во Ѓорче Петров, да се посвети на истражувањето на овој Кањон.
Тој смета дека Матка има уште поголем туристички потенцијал, но како што вели, за жал, делови од просторот денес оставаат впечаток на запуштеност и недоволна уреденост.
Со мала инвестиција до нова туристичка содржина
Затоа предлага да се преуреди улицата која се протега од кафулињата кај големиот паркинг до малиот паркинг, пред самиот влез во кањонот.
– Во моментов таа се користи и за сообраќај и за паркирање, а на двата краја асфалтот е раскопан и патот е во прилично лоша состојба – вели тој.
Притоа, нагласува дека овој простор има потенцијал да се пренамени во уредена пешачко-рекреативна патека, наменета за движење на електрични колички и електрични тротинети, кои би можеле да се изнајмуваат, како и за мало туристичко вовче.
Оваа идеја тој ја пренесува од Албанија, во близина на изворот „Сино око“, кај Саранда, која, како што наведува, е исклучително посетена туристичка атракција во Албанија. Првпат тој го посетил местото во 2021 година, кога до изворот водела неасфалтирана патека. Кога се вратил во 2024 година, патеката била целосно уредена.
– Денес по неа сообраќа туристичко вовче, а посетителите имаат можност и да изнајмат електрични колички за до четири лица – раскажува тој.
Убеден е дека со релативно едноставна интервенција, овој простор би можел да стане многу поуреден, побезбеден и попривлечен за посетителите. Истовремено, според него би се намалило мешањето на автомобили, пешаци и туристи, а би се создала и нова туристичка содржина која може да биде интересна за семејства, повозрасни лица и туристи кои потешко го поминуваат патот пеш.
– Матка заслужува уредување кое ќе го следи нејзиниот огромен туристички потенцијал. Не мора секогаш да се бараат големи и скапи проекти, понекогаш една добро осмислена и функционална идеја може значително да го подобри целокупното искуство на посетителите – нагласува Манев.
Ова е само еден пример кој покажува дека граѓаните се обидуваат да ги заживеат или да ги направат попривлечни местата кои претставуваат значајни и репрезентативни места за градот.
За оваа идеја на Манев, градските власти велат дека предвидуваат реконструкција на улицата од Сарај до Матка и додаваат дека се прави и анализа на можностите за изградба на нови паркинг места и дополнителна промоција на Матка преку нејзино вклучување на туристичката мапа на Скопје.
– Идните активности би биле тесно поврзани и со Скопје – Европска престолнина на културата 2028, што претставува значајна можност за дополнително меѓународно позиционирање на градот Скопје и Матка и привлекување нови категории посетители. Во оваа насока би можело да се придонесе кон продолжување на престојот на странските посетители, зголемување на потрошувачката во локалната економија и создавање дополнителна туристичка понуда – се огласија од Град Скопје.
Пештерата Врело – подводна пештера „без дно“?!
Една од атракциите која привлекува туристи на Матка е и пештерата Врело, која е најдлабоката пештера на Балканот и втора најдлабока во Европа. Но, нејзината вистинска длабочината сè уште не откриена. Се смета дека е една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот.

Разговарајќи со стар скопјанец, Манев вели дека од него чул многу интересни приказни и сеќавања за Скопје и Матка. Една од нив особено му го привлекла вниманието, а тоа е дека подводната пештера Подврело во кањонот Матка – нема дно.
– Иако ова тврдење не е научно докажано, бидејќи досега никој не успеал да стигне до нејзиното дно, дел од постарите жители на Скопје веруваат дека пештерата продолжува длабоко под земјата и дека нема крај. Можеби станува збор за легенда, а можеби зад неа навистина се крие нешто што сè уште не е откриено – објаснува Манев.
За разлика од него, пак, Иван Жежовски, од спелеолошкото друштво „Пеони“ вели дека пештерата сепак има дно, само што сè уште не се стигнало до него.
– Тоа е како колено, нуркачите досега одеа по вертикала надолу, не се дојдени до крајот, бидејќи потоа продолжува нагоре хоризонтално кон Патишка река околу пет километри. Тоа треба да биде голем глечерски систем – објаснува Жежовски, нагласувајќи дека нуркачите не се осмелуваат да одат нагоре, но предизвик им бил да одат што е можно подлабоко.
Тој додава дека просторот од Матка кон Патишка река го истражувале и површински.
– Овде постојат јами. Можно е од некоја јама да се влегува во подземниот пештерски систем, но засега не сме забележале отвор доволно широк за да може да влезе човек – наведува Жежовски.
Вели дека засега нема план за повторно нуркачко истражување.
– Можеби во некое идно време, со друга опрема која ќе дозволи подлабоко нуркање и со вешти нуркачи. Светската јавност е запознаена со тоа, само е прашање на време кога ќе се случи тоа – нагласува Жежовски.
Во октомври 2025 година, полскиот нуркач Бартломиеј Питала ја надмина претходно истражената длабочина од 242 метри, и постигна нов рекорд достигнувајќи 287 метри. Тоа е неверојатен подводен свет кој сè уште крие многу тајни.
– Интересно е што на Матка постојат две различни пештери поврзани со името Врело, а тоа се Надврело и Подврело. Кога туристите мислат за пештерата Врело, најчесто мислат на горната пештера, односно онаа што се посетува со чамец. Подводната пештера може да ја посетат само искусни и специјализирани нуркачи. Пештерата Врело ја имам посетено неколку пати, но последен пат пред шест години. Иако во меѓувреме многупати сум бил на Матка, дури сега повторно решив да ја посетам – наведува Манев.
Пред влезот на пештерата го дочекале информативна табла, како и патокази кон другите две пештери, Убава и Крштална.
– За жал, нивниот пристап е ограничен. До едната се стигнува со вертикален пристап, додека другата е затворена за посети. И двете пештери се релативно слабо истражени, па за нив не може да се најдат многу информации – вели Манев.
Пештерата Крштална се наоѓа во непосредна близина на Врело и во неа исто така има подземно езеро.
Инаку, до Врело може да се стигне само по воден пат, со чамец. Цената е 500 денари по човек, а пловидбата трае 20 минути во еден правец. Целата посета трае околу еден час.
– Веднаш по влезот во пештерата ве пречекува „Салата“, а таму се наоѓа и познатиот сталагмит „Шишарка“, за кој се смета дека се формирал во период подолг од 2.700 години. „Салата“ има и интересна акустика, поради што во пештерата повремено се одржуваат концерти. Природата тука сама создала простор во кој звукот добива сосема поинаква димензија – опишува Манев.
Тој додава дека внатре се наоѓаат две езера, Големо и Мало Езеро. Големото Езеро, сместено во Големата сала, е особено интересно поради познатата „Руска плажа“.
– Името „Руска плажа“ е поврзано со руските пилоти кои во минатото биле дел од македонското воздухопловство и, според локалните сведоштва, се капеле во езерото – нагласува Манев.
А во пештерата се наоѓаат и лилјаци, мал потковичар и голем потковичар, видови кои се присутни и во други пештери низ Македонија.
Во 1995 година, бугарска нуркачка експедиција за првпат влегла во подводниот дел од пештерата и го истражила до околу 65 метри, а тоа се и првите истражувања на пештерата.
Оттука, како што истакна Манев, Матка не е само место за прошетка, туку и за истражување.
– Во подводната пештера постои цел скриен свет и тајни кои сè уште не се целосно откриени, а од пештерата Врело фасцинира со нејзината убавина. Затоа, вреди да се посети – е заклучокот на Манев.
(А.П.)












