На настанот, кој ќе се одржи во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, покрај Дуковски ќе се обратат и уредничката на книгите Оливера Ќорвезироска и Ана Стојаноска (директорка на фестивалот „Војдан Чернодрински“), која е и авторка на поговорот.
Изданијата, насловени „ДРАМИ – Книга 1“ и „ДРАМИ – Книга 2“, се објавени во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, под импринтот „Арс Либрис“. Во првата книга се застапени драмите: „Балканот не е мртов“, „Буре барут“, „Маме му ебам кој прв почна“, „Другата страна“ и „Празен град“. Во неа има и впечатлив предговор од Слободан Унковски, нашиот истакнат режисер, кој тесно соработува со Дуковски уште од неговите почетоци. Втората книга ги содржи: „Утерус“, „Изгубени Германци“, „Дух кој оди“, „Последниот балкански вампир“ и „Црно злато (Опиум или Пари)“ – најновиот драмски текст на Дуковски, кој годинава ја имаше својата праизведба во Белград, а до крајот на годинава ќе биде поставен и на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје.
Двете книги „ДРАМИ“ претставуваат значаен придонес за македонската книжевна и театарска сцена – можност новите генерации да го откријат, а постарите читатели одново да му се навратат на еден од најмоќните драмски гласови кај нас.












