понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРОМЕНАТА НА ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО ВО НАЈДЕЛИКАТНА ФАЗА: Ќе чека ли една изборна...

ПРОМЕНАТА НА ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО ВО НАЈДЕЛИКАТНА ФАЗА: Ќе чека ли една изборна единица некои други избори? 

Работната група за промена на Изборниот законик продолжува со својата работа, а Министерството за правда денеска соопшти дека следната седница е закажана на 12 јуни, по што, законските измени ќе се  финализираат и ќе се достават во понатамошна процедура. Опозициската ЛДП соопшти дека „не е задоволна како се одвива работата на измените на Изборниот законик и предупреди дека може да се откажат од учеството во работната група.

85

Промените во изборното законодавство полека се договараат, а дали процесот ќе се заврши како што се посакува, ќе зависи од најтешкиот дел – договорот околу промената на изборниот модел од шест во една изборна единица. Всушност, според очекувањата и ставовите на членовите на меѓупартиската работна група, околу тоа прашање ќе биде најтешко да се постигне потребниот консензус. Работната група, денеска, во Министерството за правда продолжила со својата работа.

– На седницата беше потврден досегашниот напредок во усогласувањето на законските решенија со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, при што членовите на Работната група водеа интензивна и конструктивна расправа за повеќе прашања кои директно влијаат врз транспарентноста, интегритетот и кредибилитетот на изборниот процес. Министерството за правда ја истакнува посветеноста и активното учество на сите членови на Работната група и оценува дека процесот се одвива во духот на дијалог, професионалност и заедничка одговорност за унапредување на демократските стандарди во државата. Реформите во изборното законодавство претставуваат важен чекор кон јакнење на институционалната доверба и обезбедување фер, слободни и демократски избори во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки. Следната седница е закажана на 12 јуни, по што законските измени ќе се  финализираат и ќе се достават во понатамошна процедура – се наведува во соопштението на Министерството за правда.

На неколкуте претходни средби групата постигнала согласност за промена на десетина одредби во Изборниот законик врз основа на препораките на ОБСЕ и ОДИХР. На две последни средби, работната група се фокусираше околу наоѓањето на решението за соодветна поделба на државните пари за изборното рекламирање на партиите. Односно, да се отстрани спорната недореченост во сè уште актуелниот Изборен законик, со која правото на државни пари за кампања го имаат само по две партии од власта и од опозицијата и оние партии кои немаат пратеничка група бидејќи имаат помалку од петмина пратеници, но не и партиите кои имаат, на пример, по шестмина пратеници, каков што на минатите избори беше случајот со Движењето ЗНАМ и „Левица“.

Расположение има, но и разлики

Но, според сознанијата, најголемо прашање е каква конструктивност ќе се покаже околу клучното прашање кое е врзано за промените во Изборниот законик со промената на изборниот модел. Помалите политички партии веќе со години постојано бараат воведување на само една изборна единица, за што, во последниот период, поголемите партии покажаа поголем слух отколку во минатото. Но, и покрај ова, сè повеќе се наметнува прашањето дали таквото позитивно расположение ќе доведе до решение бидејќи дилемите се врзуваат за прашањето дали, на крајот, ќе се обезбеди потребен консензус на сите партиски претставници во работната група. Таа група веќе и сега работи со отсуство на една партија бидејќи СДСМ реши да не учествува во работата како израз на незадоволството поради укинувањето на моделот на пржинската влада. Но, работната група, која претходно договорила своите одлуки да ги носи со консензус на сите членови, решила да продолжи со својата работа. Со тоа се поставува прашањето како, на крајот, ќе се усвојува договореното во македонското Собрание доколку СДСМ остане до крај на ставот да не учествува во одлучувањето околу промените во Изборниот законик.

Напоредно со ова, сега сè повеќе се поставува и другата дилема околу тоа дали ќе биде можно да се постигне консензус, а што е врзано за различните ставови на партиските членови во групата околу изборниот модел. Односно, околу нивните ставови околу тоа колку изборни единици да има во Македонија кога веќе има барања за промена на актуелниот модел со шест единици. Еден член на работната група со кој контактираше ВЕЧЕР ни рече дека „ќе биде мошне тешко да се постигне консензус“ околу бројот на изборните единици.

– Разликите постојат и навистина е прашање дали во групата ќе се дојде до единствено и консензуално решение кое што е потребно – ни кажа овој член кој сакаше да остане анонимен.

Познато е, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку премиерот Христијан Мицкоски уште отпорано најави подготвеност за намалување на бројот на изборните единици на само една. Таква подготвеност да се разговара за тоа искажаа и од опозициските партии СДСМ и „Левица“, откако помалите политички партии – ЛДП, Демократски сојуз, ДОМ и други повеќе години силно и упорно се залагаат за воведување на само една изборна единица.

Барање и за осум изборни единици

Но, се чини, проблемот ќе произлезе од ставовите на партиите од албанскиот изборен кампус. Веќе отпорано, Зијадин Села, лидер на сега новорегистрираната Албанска лига, излезе со категоричен став за зголемување на бројот на изборните единици. Тој смета дека изборниот систем со една изборна единица за парламентарните избори и смета дека таквиот систем би бил штетен за Албанците.

– Тие не се дел од населението во источниот дел од земјата и процесот не може да се контролира – изјави Села тогаш пред Собранието.

Нивниот предлог е да се оди со осум изборни единици, при што Села тогаш кажа дека се согласува дека треба да бидат отворени листите, бидејќи така граѓаните би можеле сами да ги избираат пратениците, а не лидерите на партиите.

На јануарската лидерска средба, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, излезе со став со кој го условува прифаќањето на една изборна единица со прифаќањето на воведувањето изборен праг за избор на пратеници.

– Предлагаме модел со една изборна единица со отворени листи, со воведување изборен праг од 5 отсто – изјави тогаш Ахмети.

Прашање е каков став околу ова ќе има обединетата партија „Вреди“, која е дел од владината коалиција.

Сето тоа води кон прашањето дали ќе биде можно да се постигне компромис и потребниот консензус околу донесувањето на Изборниот законик. Првиот парламентарец, Африм Гаши, по вчерашниот отчет за двегодишната работа на Собранието, ни рече дека околу Изборниот законик може да се очекуваат најразлични ситуации и дека е големо прашање дали воопшто ќе биде постигнат потребниот консензус? (Б. Ѓ.)

ЛДП: Сведоци сме на игнорирањето на прашањето на една изборна единица

„Не сме задоволни како се одвива работата на измените на Изборниот законик“, соопшти денеска опозициската партија ЛДП. Партијата обвини дека расправата тече во насока да се заштитат интересите на големите партии. ЛДП предупредува дека ако дискусијата и натаму тече во погрешна насока, тие ќе се откажат од учеството во работната група.

– Должни сме да ја алармираме јавноста дека работата на работната група за измени на Изборниот законик не се движи во правилна насока. Наместо суштински реформи за подемократски процеси, зад затворени врати повторно сме сведоци на добро познато сценарио: големите политички партии се обидуваат да си обезбедат меѓусебна предност и да го заштитат својот монопол – рече во изјава за медиумите членот на Извршниот одбор на ЛДП, Дејанчо Цветановски.

Тој рече дека се сведоци на игнорирање на прашањето за една изборна единица со отворени листи, кое е долгогодишно барање на ЛДП но и на граѓаните.

– Тоа гарантира дека гласот на секој граѓанин ќе тежи исто и дека граѓаните ќе избираат личности, а не партиски послушници. Исто така, парадоксот со „високиот изборен праг“, иако декларативно се согласуваат со моделот на една изборна единица, големите партии подмолно предлагаат неразумно висок изборен праг. Ова не е демократизација, ова е обид за елиминација на помалите партии и целосно затворање на политичкиот систем за нови, прогресивни идеи –  рече Цветановски и додава дека ставот на ЛДП е дека нема да биде декор во ничии политички пазарења.

Тој додаде дека доколку дискусијата во работната група продолжи во овој правец, ЛДП не ја гледа потребата од своето понатамошно учество во неа.

ИЗДВОЕНИ