Руските напади во Украина изминатиот викенд – од кои еден беше насочен кон воз во близина на полската граница – имаат „многу јасна цел: да ги заплашат Европејците, да ги обесхрабрат и, пред сè, да ги разедини“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, на маргините на самитот за Арктикот во Финска.
Нападите се случија „во време кога Украина беше домаќин на голем форум за економска поддршка, на кој присуствуваа голем број деловни и дипломатски претставници од целиот свет, особено од Европа“, напиша Баро на социјалните мрежи.
Руско беспилотно летало удри во воз на границата меѓу Украина и Полска, кратко откако европски безбедносни претставници поминале низ таа област со друг воз. Беспилотното летало ја погодило локомотивата во градот Јаходин, но немало жртви. Сите патници биле евакуирани, соопштија украинските власти.
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон и други европски советници за национална безбедност патувале по истата железничка линија со друг воз, враќајќи се од конференција во Киев, пренсе „Бета“.












