понеделник, јуни 8, 2026
Дома СВЕТ Преговори како натпревар на капитени: Роман Абрамович таен посредник за организирање средба меѓу...

Преговори како натпревар на капитени: Роман Абрамович таен посредник за организирање средба меѓу Зеленски и Путин?

Извори наведуваат дека Зеленски го угостил Абрамович во Киев минатиот месец со цел да му достави дискретна порака на рускиот лидер. Путин, како што пишува „Фајненшел тајмс“, јавно ја отфрлил понудата, наведувајќи дека не гледа поента во одржување на состанок со Зеленски  и проценил дека разговорот ќе му користи само на Киев за да го запре напредувањето на руските сили. Оваа тајна иницијатива произлезе од желбата на Киев да демонстрира сериозност во врска со мировните преговори во време кога САД се политички преокупирани со кризата на Блискиот Исток

13
EPA/WILL OLIVER

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му понудил на рускиот претседател Владимир Путин директна билатерална средба за преговори за завршување на војната, користејќи го рускиот олигарх Роман Абрамович како таен посредник, дознава „Фајненшел тајмс“.

Сепак, Путин јавно ја отфрлил понудата, наведувајќи дека не гледа поента во одржувањето на состанокот и проценил дека разговорот ќе му користи само на Киев со цел да се запре напредувањето на руските сили. Извори наведуваат дека Зеленски го угостил Абрамович во Киев минатиот месец, со цел да му достави дискретна порака на рускиот лидер. Тонот на таа порака наводно бил многу помалку конфронтациски од отвореното писмо што украинскиот претседател го објави на 4 јуни, во кое побара вклучување на САД и Европа во преговорите и одредување на датумот на самитот.

Во интервју за „Скај њуз“ објавено во неделата, самиот Зеленски ги потврди деталите од состанокот, велејќи дека Абрамович дошол во Киев со понуда да достави пораки директно до Путин, но под услов целиот процес да остане целосно таен. Според Зеленски, Абрамович сакал да дознае на што е подготвен Киев за да се постигне договор. Зеленски му одговорил дека Украинците нема да се повлечат од својата територија ниту ќе ја препуштат победата на Русија, нагласувајќи дека компромисите се можни само по прогласувањето на прекин на огнот, што го оценил како најголема отстапка од украинската страна. Зеленски преку посредник изјавил дека е подготвен за средба во секое време и во кој било формат – или билатерална или со учество на Доналд Трамп или со европските лидери. Тој однапред ги исклучи Москва, Белорусија и Минск како локации за разговори.

На бизнис-конференцијата во Санкт Петербург, Путин потврди дека се сретнал со неименуван претставник на руските бизнис кругови кој му ја пренел пораката на Зеленски, но додаде дека бизнисменот не дејствувал во службено својство. Луѓе блиски до рускиот олигарх откриваат дека Абрамович ја опишал иницијативата на украинскиот претседател како „натпревар на капитени“, додавајќи дека Зеленски е целосно фиксиран на идејата дека може да ги реши сите проблеми со „магијата на својата лична харизма“ на состаноците на врвот, што кај Путин, па дури и кај Доналд Трамп, не му поминува.

„Фајненшл тајмс“ потсетува дека Абрамович е вклучен во медијацијата меѓу двете страни од почетокот на конфликтот во 2022 година. Иако неговото влијание ослаби откако Москва и Вашингтон отворија директни канали за комуникација, тој е сè уште клучна фигура во размената на затвореници бидејќи е единствениот Русин толериран од Украина. Поттикот за оваа тајна иницијатива произлезе од желбата на Киев да демонстрира сериозност во врска со мировните преговори во време кога САД, кои претходно посредуваа во обидите за прекин на огнот, беа политички преокупирани со кризата на Блискиот Исток и Иран. И покрај овие дипломатски напори, западните дипломати и извори блиски до преговорите не очекуваат никаков конкретен развој на настаните пред крајот на летото, посочувајќи дека Вашингтон е фокусиран на други геополитички кризи, додека Москва сè уште смета на постигнување воени цели и заземање на остатокот од регионот Донбас во наредните месеци.

Русија има нов услов во преговорите

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека целосното враќање на правата на луѓето кои зборуваат руски во Украина е еден од неопходните услови за постигнување долгорочно решение на војната.

Москва со години го обвинува Киев за дискриминација на руското малцинство и граѓаните што зборуваат руски јазик. Кремљ ги користеше тврдењата за јазична дискриминација и, како што вели, русофобија како главни оправдувања за почнување целосната инвазија на Украина во 2022 година.

Лавров ги повтори тие обвинувања во саботата, во видеопорака објавена по повод Денот на рускиот јазик. Оваа изјава дојде еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за директна средба.

 

 

ИЗДВОЕНИ