Изборот на судии и обвинители се случува пред постапката за разрешување на Љупчо Коцевски и интерпелацијата на петтемина членови од Судскиот совет. Обвинителот ќе ја брани својата професионалност пред народните избраници, а членовите на Судскиот совет тешко дека ќе се повлечат по интерпелацијата која треба да се случи на собраниската седница во вторник. Извори на ВЕЧЕР од СС велат дека можат да бидат „решени“ преку иницијатива за покренување на постапка за нивна одговорност во рамките на Советот
Турбулентно бреме во судско-обвинителските кругови, едно разрешување, пет интерпелации, избор на обвинители и судии. Пролетната генералка во правосудството почна со избор на повеќе од 30-ина обвинители во 10 обвинителства низ државата. – Не се пријавија доволен број, некои од нив се откажаа, во дефицит сме за повеќе од 90-ина обвинители, изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски, пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители. Онака како што течат работите со најавеното разрешување, најверојатно ова му е последниот избор на обвинители на Коцевски од позиција државен обвинител.
– Во четвртокот ми беше доставен предлогот за разрешување од страна на Советот на јавни обвинители. Во еден разумен рок ќе се произнесам за сите точки. Останувам на тоа дека, од она што можев да го разгледам, е дека во предлогот нема ниедна основа за утврдување на тешка дисциплинска повреда, изјави Коцевски.
Паралелно со постапката за разрешување на Коцевски, во друга постапка власта е во обид да ги „исчисти“ петте члена на Судскиот совет, кои беа именувани на предлог на Собранието и претседателот од минатата власт. Интерпелацијата за Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа, е закажана во Собранието во вторник, а тие веќе ги имаат напишано своите одговори. Според информациите на весникот ВЕЧЕР, членовите Албанци нема да присуствуваат на собраниската седница. Владејачкото мнозинство по изгласаната недоверба, ќе им остави време сами да се повлечат, иако според атмосферата во Советот нема расположение за такво нешто, пред сè бидејќи на дел од нив мандатот им истекува оваа година. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, очекува за интерпелациите да биде прашан од страна на Оценската мисија, во среда, на состанок во седиштето на Европската комисија во Брисел. Тој ќе патува со цел да реферира колку од препораките што ги побара ЕК се исполнети, а една од нив е изборот на судии за испразнетите места низ државата, што треба да се случи на седницата закажана за в понеделник. На прашањето на ВЕЧЕР дали трите седници закажани една по друга е поради интерпелациите во вторник, Камбовски ни одговори дека се работи за случајно поклопување. Уште еднаш повтори дека законски Собранието не може да ги разреши членовите. Сепак, извори на ВЕЧЕР од Судскиот совет, оставаат можност тоа да се случи преку иницијативи за покренување на постапки за нивна одговорност во рамките на Советот, откако Собранието ќе им ја изгласа недовербата.
Опозицијата е против ваквиот начин на разрешување на првите луѓе во правосудните органи, бараат реформите да се случуваат според агендата потврдена од ЕУ.
-Во рамки на овој пакет на закони има и нов Кривичен закони, нов Закон за јавен обвинител, пакет-закони за Судскиот совет кои треба да се донесат до јуни 2025 година, а некои од нив воопшто не се ставени во процедура од страна на Министерството за правда. „Каде е тука желбата за вистинска реформа на правосудството?“, праша лидерот на СДСМ Венко Филипче. (П.А.)