Општина Аеродром в понеделник започнува голема пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата своја територија, која ќе трае до средината на јули. Акцијата е продолжение на успешната есенска акција и има цел почиста и поуредна животна средина за сите.
Од Општина Аеродром информираат дека во соработка со нејзиното јавно претпријатие за комунални дејности, на повеќе локации ќе бидат поставени специјални садови каде што граѓаните бесплатно ќе можат да го фрлат стариот и дотраен мебел.
Акцијата започнува во населбата Мичурин, и тоа на 18 и 19 мај на улицата „Анастас Митрев“, зад паркот до трансформаторот, како и улицата „Венјамин Мачуковски“, до трансформаторот кај Железничката станица. На 20 и 21 мај ќе продолжи во Острово, и тоа на улицата „Владимир Комаров“ број 9, до контејнерите, и број 6-16, зад ТЦ „Скопјанка“.
– Со оваа акција им овозможуваме на жителите организирано и бесплатно отстранување на кабастиот отпад, а истовремено придонесуваме за почиста околина и спречување на создавање диви депонии – соопштија од локалната самоуправа.












