Стотици жители на Хавана, во средата вечерта излегоа на протести, револтирани од продолжените прекини на електрична енергија и од хроничниот недостиг на гориво. Демонстрантите блокираа сообраќајници, палејќи купишта ѓубре и удирајќи во импровизирани метални предмети.
Овие протести се сметаат за најголеми во кубанската престолнина од почетокот на енергетската криза што ја погоди земјата во јануари. Ситуацијата со снабдувањето со електрична енергија дополнително се влошува, а делови од градот, според информации од властите, остануваат без струја и по 20 до 22 часа дневно.
Кубанците, исто така, страдаат и од недостаток на храна, лекови и гориво.
Кубанскиот министер за енергетика и рударство, Висенте де ла О Леви, претходно за државните медиуми алармираше дека државата останала без нафта и мазут. Тој ја опиша ситуацијата како „критична“, нагласувајќи дека системот функционира на работ на издржливост.
Дополнителна тензија предизвикуваат и надворешнополитичките притисоци, откако во јануари, американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови мерки на блокада кон Куба и најави можни царини за земјите што би испорачувале гориво на островот. Обединетите нации минатата недела ги прогласија тие мерки за нелегални, предупредувајќи дека го загрозуваат правото на кубанските граѓани на развој и пристап до храна, здравство и основни услуги.












