Иако оваа историската фикција и епска сага почива на темелот на дамнешни податоци и случувања, како и на слободниот уметнички израз на авторот, во ниту еден случај не ја игнорира фактографската документација што произлегува од реалните историски истражувања за настанот на Беласица. Суптилниот пристап во реализацијата на ова дело и неговата срцевина му дава можност на читателот постојано да го истражува и да гради сопствен став за понудените вредности
– За љубителите на епските трилери, за сите оние што претпочитаат мистерија и неизвесност со неочекувана разврска, демистификација на галерија личности со различна ментална структура што носат одлуки во име на народот кој бескрајно им верува и ги велича до ниво на земни богови, за љубителите на класичните вредности, но и на авантурата, поканата да откријат нешто сосема ново во македонската литературна галаксија носи наслов „Проклетството на суетата“ – вели за весникот ВЕЧЕР авторот на оваа книга, Љубомир Јованоски-Кара, од Гостивар. Ова е шести негов роман, кој е во издание на „Логос – Центар за културна размена Битола“, а нуди специфичен приказ на случувањата во текот и по трагедијата на Беласица.

Иако оваа историската фикција и епска сага почива на темелот на дамнешни податоци и случувања, како и на слободниот уметнички израз на авторот, во ниту еден случај не ја игнорира фактографската документација што произлегува од реалните историски истражувања за настанот на Беласица. Суптилниот пристап во реализацијата на ова дело и неговата срцевина му дава можност на читателот постојано да го истражува и да гради сопствен став за понудените вредности.
Рецензенти на книгата се публицистот проф. Милош Смиљаноски и новинарот Киро Кипровски и двајцата веќе не се меѓу нас.
– Објективната поставеност на фактите нè наведува на тоа дека сето она што е напишано, се случило. Без разлика дали е вистина тоа за некого или не. Но, ако го надградил авторот сето тоа со можни начини за чистење магла над разврската, литературниот облик добива некои нови димензии, што е случај со ова дело. Сметам дека авторот пренел дел од своите сомнежи, дилеми и претпоставки, дел од своето поимање за вистината за определен историски момент. Тоа, на еден навистина прониклив начин со изворен текст, ја проширува и пренесува вистината за власта, која наведува на сличност и со денешните политички номенклатури… – се вели во поговорот на книгата, која е поддржана и од Министерството за култура.
Инаку, во низата длабокомислени случувања што се дел од фактичката историска слика, се додава, истенчено е вметната галерија од ликови со кои авторот разиграно понира час во светот на илузијата час во светот на јавето и реалноста, во потрага по вистината. Сурови се и едната и другата појава, но суровоста е поставена како симптом, но и како карактеристична црта на човечката филозофија.
Дали се губи разумот пред агресијата на изразеното его? Дали замаглениот разум од сопствениот статут на неприкосновен е плод на индивидуалната ментална структура на оној што одлучува или секој, па дури и вистинскиот карактер, е подложен на стравотното влијание на суетата? Дали се малите жртва на волјата и потребите на оние што владеат и злоупотребуваат човечки животи? Која е цената што треба да се плати за еден масакр оти сите воени кампањи се потенцијален масакр? Дали владетелите се со разурнат духовен свет полн со суета, а обичниот дворски шут – потенцијал на мудрост и зрелост? Кој го заслужува тронот? Се разбира, ниту едниот ниту другиот… Ова се темите поставени за анализа во „Проклетството на суетата“, со логична разврска понудена од авторот.
Љубомир Јованоски-Кара, македонски романсиер, детски писател, колумнист и карикатурист, е роден во 1952 година, во Гостивар. Низ својот плоден творечки век, тој има создадено широк жанровски дијапазон, кој опфаќа епска фантазија, крими-романи, детска литература, историски романи и сатирични форми.
Неговиот роман „Бадник над Санкт Петербург“ се пласираше во завршницата за „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и беше кандидат за наградата „Балканика“. Успехот го повтори и со романот „Проколнати“, кој го освои шестото место на истиот конкурс, а во 2019 го објави и продолжението „Ѓаволска наметка“. Од творештвото за деца, ги има објавено бајките „Шутот безличен“ (2012) и „Талкачот“ (2014), а автор е и на детскиот роман „Барска рапсодија“. Со негов потпис се и романите „Танцот на мршојадците“ и „Пеколна игра“, а негови карикатури, се објавувани во списанието „Остен“. Врската на овој плоден автор е нераскинлива и долгогодишна и со весникот ВЕЧЕР. Во деведесетите години тој објавува дури 600 крими приказни, а во периодот од 2018 до 2019 читателите на весникот имаа можност да ги читаат и неговите 30 хуморески илустрирани со сопствени карикатури. (Д. Т.)











