Намалување на количествата во пакувањата станува сè почест начин за прикриено поскапување, предупредуваат од Организацијата на потрошувачи. Оттаму посочуваат дека оваа практика не се однесува само на чоколадото „Милка“, туку и на бројни други производи, што ги доведуваат потрошувачите во заблуда. Освен кај прехранбените производи, оваа појава почесто се забележува и кај непрехранбените производи, како што се влажните шамичиња за бришење, каде што се намалува бројот во пакувањето, потоа кај тоалетната хартија, која станува потенка или има помалку листови, како и кај козметичките производи

 

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија предупредуваат дека сè почеста е појавата на таканаречена „скриена инфлација“, при која наместо директно зголемување на цените, производителите го намалуваат количеството во пакувањето, додека цената останува иста. Според нив, оваа практика не се однесува само на чоколадото „Милка“, туку и на бројни други производи, што ги доведуваат потрошувачите во заблуда. Оттаму појаснуваат дека оваа појава во земјава е присутна од 2008 година, период во кој почнале посериозните поскапувања на производите. Во меѓувреме, грамажата на многу артикли постепено се намалува, што, како што велат, претставува сериозна закана за семејниот буџет.

– Сè почесто при купување производи се соочуваме со ситуација каде што, покрај зголемената цена, се намалува и количеството во пакувањето, па наместо 100 грама добиваме 90, 85 или дури 80 грама. Оваа појава не се забележува само кај чоколадите, туку и кај јаткастите плодови, паштетите, чипсовите и сличните производи. Истото се случува и кај маслото за јадење, каде што литар наместо 1.000 милилитри станува 750 милилитри, како и кај јогуртот, кој од 500 грама се намалува на 450 грама, а во некои случаи се означува како „бонус“ – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.

Оваа појава, како што вели, сè почесто се забележува и кај непрехранбените производи, како што се влажните шамичиња за бришење, каде што се намалува бројот во пакувањето, потоа кај тоалетната хартија, која станува потенка или има помалку листови, како и кај козметичките производи, меѓу кои кремовите за лице и лосионите, каде што исто така се намалува количеството во пакувањето. Оваа појава не е забележана само во нашата држава туку и од потрошувачите во регионот, ЕУ реагира и повикува на поголема претпазливост, односно да се внимава на етикетата и на цената.

– На ваков начин, производителите и трговците индиректно ја зголемуваат цената преку намалување на количеството на производот, очекувајќи дека потрошувачите нема веднаш да ја забележат промената и ќе продолжат да го купуваат истиот артикл. На тој начин, купувачите добиваат помалку производ за истата, а во некои случаи и за повисока цена. Практиката покажува дека откако еднаш ќе се намали количеството, тоа ретко се враќа на претходното ниво, дури и кога условите на пазарот се подобруваат, и најчесто останува исто или дополнително се намалува – вели Лончар-Велкова.

Во услови на инфлација, сè повеќе производители и кај нас применуваат т.н. прикриено зголемување на цените. Намалување на количеството се забележува не само кај прехранбените производи, туку и во козметиката и кај храната за домашни миленици.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека станува збор за нечесна практика кон потрошувачите, иако таа не е законски забранета. Имено, намалувањето на количеството на производот не е во спротивност со важечкиот Закон за заштита на потрошувачите и другите релевантни прописи. Оттаму посочуваат дека производителите најчесто не ги информираат купувачите за промените во грамажата, а во одредени случаи дури се обидуваат тоа да го прикријат со задржување на истиот изглед на амбалажата, што дополнително создава заблуда кај потрошувачите.

Чоколадото „алпенмилх“ на „Милка“ претходно тежеше 100 грама, но подоцна беше намалено на 90 грама. Притоа, амбалажата останала речиси непроменета, додека новата верзија на производот е само малку потенка. На почетокот на 2025 година, цената се зголемила од 1,49 на 1,99 евра.

Случајот со „Милка“ не е единствен. Во Германија и „Ритер Спорт“ се соочи со критики за слична практика, откако дел од производите беа намалени од 100 на 75 грама, додека надворешниот изглед и големината на чоколадото останаа речиси исти.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ