петок, јуни 19, 2026
Дома КОЛУМНИ Проф. д-р МАРКО КИТЕВСКИ:  Зборникот на Миладиновци – света книга на македонскиот народ

Проф. д-р МАРКО КИТЕВСКИ:  Зборникот на Миладиновци – света книга на македонскиот народ

7
проф.д-р Марко КИТЕВСКИ

На 24 јуни 1861 година, првите примероци од Зборникот на браќата Миладиновци од печатницата на Анте Јакиќ во Загреб им биле испорачани на претплатниците. Затоа го сметаме овој ден за особено важен во македонската национална култура. Затоа што Зборникот на Миладиновци не е обична книга – таа е култна книга за нас, Македонците, наречена уште и златна книга, книга што додека се држи во рацете, предизвикува возбуда, онака како што го прават тоа светите книги.

Секој народ си има вакви книги, книги што му значат нешто повеќе од обично. За нас, Македонците, тоа се „Огледало“ од К. Пејчиновиќ, „Сердарот“ од Г. Прличев, „За македонцките работи“ од К. П. Мисирков, „Бели мугри“ од К. Рацин… и, секако, на прво место Зборникот на браќата Миладиновци. Од своето појавување пред 165 години до денес, овој Зборник возбудува и инспирира многу генерации. Познати се искажувањата на повеќемина Македонци за средбата со оваа книга. Марко Цепенков вели дека Зборникот му стоел дома „како фторо ванѓелие“. Кузман Шапкарев, кој им бил најблизок роднина на Миладиновци, ја видел книгата дури неколку години по објавувањето.„Најпосле изданието на Миладиновите песни, кои што одвај во 1865 година во Кукуш имав чест да ги видам за прв пат ми го разведри небото на надежта и ме убеди дека ќе можам некогаш и јас со своите скромни трудови да станам троа полезен за својот народ“, за подоцна во едно писмо да напише: „Подвизите на Миладиновци, Караџиќ и Кухач и некои на нив слични не ми даваат да заспијам.“ Васил Икономов во кусиот предговор на својата прва збирка (Софија, 1893) вели: „Со овој свој трудец ние прилагаме уште еден зборник од народни умотворби кон издадените веќе многу други, според искажаната желба на  покојните браќа Миладиновци“. Познато е дека и Кочо Рацин го читал Зборникот, ги подвлекувал зборовите што му оставале впечаток и ги користел во своите песни, особено оние од збирката „Бели мугри“. Од содржината на Зборникот се испирирале и многу наши современици.

Зборникот е објавен под насловот „Б’лгарски народни песни, собрани од браќа Миладиновци Димитрија и Константина и издани од Константина в Загреб, в печатницата на А. Јакича, 1861. Зборникот содржи близу 700 песни, од кои само 78 се бугарски (од Софија и Панаѓуриште), а другите се македонски народни песни од Струга, Охрид, Прилеп, Велес, Кукуш и од други градови на Македонија. Покрај тоа, книгата содржи и детски говорни игри, свадбени обичаи од Струга и Кукуш, годишни обичаи, исто така од Струга и Кукуш, верувања, преданија, сопствени народни имиња, пословици, гатанки, македонско-хрватски речник и на крајот, имињата на претплатниците. Но, кога станува збор за насловот, мора да се има предвид времето кога е подготвуван и објавен тој, а тоа е половината на 19 век, кога уште не било доволно афирмирано македонското име и сите македонски народни умотворби објавени дотогаш биле објавени надвор од Македонија и под бугарско име: Виктор И. Григорович, Вук Караџиќ, Станко Враз, Стефан Верковиќ…

Тоа било време кога живеела Македонија во специфични услови, кога на почвата на Македонија, со засилени активности, дејствувале странски пропаганди. Македонското народносно созревање ги минувало првите стапки на својот долг и трнлив пат. Не биле созреани условите за отфрлање на османлиското политичко ропство, но се отфрлало грчкото духовно ропство. Во училиштата, грчкиот јазик се заменувал со народниот, а во црквите – со црковнословенскиот. Во таа борба предничел токму Димитрија Миладинов, поради што станал жртва на великогрчките интриги. Поради истите причини, и Григор Прличев бил испратен во дебарскиот затвор, каде што доживеал невидени страдања, но и многу други македонски дејци од тоа време биле жртви на големогрчките аспирации.

Иако книгата носи таков наслов, за неа велиме дека е најмакедонската книга што е објавена досега, затоа што од неа дише македонскиот дух, затоа што е афирматор на македонската поетска традиција и на македонската народна култура воопшто. Во неа шепотат македонските векови, во овие песни ќе ги сретнете македонските гори и полиња,  македонските села и градови, македонските реки и езера, македонското Бело Море, македонските билки, македонската чаршија со занаети и занаетчии, цркви и манастири, македонските празници и празнувања, македонските јунаци (борци за слобода, ајдуци, овчари, косачи, дрвари, печалбари) и девојки (војвотки, аргатки, жетварки, везачки, предачки, плетачки, ткајачки,…), сето она што останало во колективната меморија на македонскиот народ. Каде на друго место ја има оваа слика: „Момето одит на езерото, /да ми налеит бисерна вода, /две ведра в раце ведро на глава,  /да му измиет беќару лице, /да му избришит со алшамија…“ итн. Идилична слика од некогашна Струга, кога од езерото и од Дримот се полнела вода за домашни потреби. Григор Прличев во „Словото за прекрасните уметности“, кажувано во Габрово, кога бил учител во гимназијата во тој град, за пример ја зел песната од Зборникот на Миладинивци со наслов „Јана и сонцето“ (От Струга) и на едно место вели: „Во странската поезија можете ли да сретнете песна толку возвишена, толку богата со поуки?“ Затоа оваа книга била учебник за патриотизмот во изминатите повеќе од век и половина, затоа од неа се инспирирале многу генерации, затоа во домовите била настолна книга и се чувала како реликвија. „Со овој, во многу односи прекрасен зборник од македонски песни, двајцата Миладиновци си издигнале најубав паметник“, пророчки на времето запишал Рајко Жинзифов.

Браќата Миладиновци оделе далеку пред своето време. Уште кога се немало многу смисла за вредностите на народните умотворби, тие биле свесни за моќта на народното творештво во акцијата што ја предводеле. Затоа со таква страст го запишувале и правеле натчовечки напори да го објават. Оваа собирачка дејност, освен многу напор, браќата Миладиновци ги чинела и многу материјални средства. „За нивното собирање – вели на едно место К. Шапкарев – тие мошне се поарчија, многупати за една важна песна даваа по жолтица, а ручеци, вечери и честења – колку сакаш“. Иако чувствувал дека веќе го напуштаат физичките сили поради големиот напор, Димитрија ни минута не останувал без работа. По уроците, одел кај стари жени и девојки да запишува од нив песни и пословици, приказни и друго или брзал да ги затече во ановите и гостилниците луѓето што биле запознаени со месностите и многу тешко успевал да ги натера да раскажуваат за себе, со што направил вистинит опис за Македонија, кој го испратил во Москва, за составување на словенска географска карта.   

Зборникот на Миладиновци бил замислен и создаден да обединува, пред сè, во борбата против грчкиот духовен терор во Македонија, но и пошироко на Балканот. Затоа првично бил напишан со грчки букви, зашто учените луѓе од Струшко и од Охридско, но и од поширокиот регион, го знаеле само грчкото писмо, поради своето образование во грчките патријаршиски училишта. Тие требало да ги читаат овие содржини, да се напојуваат од силниот народен збор и од силниот народен дух и да ја продолжат борбата за ослободување од тоа ропство. Во писмото до Георги Раковски испратено од Загреб на 31 јануари 1861 година, Константин Миладинов, меѓу другото, пишува: „Грците се распорјажават сос нас како со овци. Тие Македонија сакает грцка земја и не может даже да разберат како можит да не је грцка. (…) Поминаха тие времина, а Грците ќе си останат само со сладкиот им сон“. Ете затоа е создаден овој Зборник. „Овие песни и друзи детинцќи работи што ’и збирам, ќе печалам да и типосам за да останат да се пеат некоаш, коа ќе нема ваквие работи, чунќи овие проклети Грци ќе не погрчат и друго чаре не бидуат. Еве прво јас кај сум се погрчил од немајкаде“, му велел Димитрија Миладинов, кога бил учител во Прилеп, на Коста Цепенков, таткото на Марко Цепенков, на прашањето зошто ги собира песните и другите работи.

Нема сомнение дека во изминатиов период, од објавувањето до денес, Зборникот бил четиво за патриотизмот. Не само преку јуначките и ајдучките песни туку и преку митолошките и религиозните, преку обичаите и преданијата објавени на неговите страници, тој ја покажувал богатата народна култура, ја јакнел вербата, го крепел оптимизмот. Така било и во времињата на премрежиња и трагедии какви што имал нашиот народ не малку во минатото. Не е случајност што меѓу јуначките песни доминираат оние за Кралот Марко или што поглавјето „Преданија“ почнува со преданието „Царот Александар“. Рускиот славист Виктор И. Григорович, при својата посета на Македонија, пролетта 1845 година, кога бил гостин на Димитрија Миладинов во Охрид и кога го посетил и домот на Миладиновци во Струга, запишал: „Јас не слушнав други имиња освен имињата на Александар Велики и на Кралот Марко“. Очигледно овие имиња многу му значеле на македонскиот народ.

Било планирано песните да се објават во Русија. При заминувањето на школување во Москва, Константин понесол со себе извесен фонд народни песни. И подоцна Димитрија собирал народни умотворби, кои му ги испраќал на Константина. Овој, пак, таму ги редактирал, ги подредувал, ги покажувал на многу луѓе, некои дури и угледни истражувачи на фолклорот, организирал литературни читања на песните од Зборникот и се надевал дека ќе најде издавач. „Три години тој ги пазел во Москва и им се радувал како што мајката му се радува на својот единствен син, останат неповреден по многу несреќи и беди… и преку сите тие три години не престанувал да се надева дека ќе се најдат средства за нивно издавање; туку средства не се нашле и било судено тие да бидат издадени во друг словенски град, а не во Москва“, бележи Р. Жинзифов во својата биографија на браќата Миладиновци. Зошто не бил објавен Зборникот во Русија? Познато е дека Константин правел силни напори да го постигне тоа. Познато е дека со содржината на Зборникот биле запознати најистакнатите имиња на руската наука, како Срезњевски, Бессонов, Белјаев и други. Високи оцени имало, средства за објавување немало. Државните интереси на Русија кон овој дел на Балканот, кон Турција и особено кон Грција, биле причината за тоа.

Истоштен од големиот напор, повеќе од болеста, со незавршени студии, Константин тргнал на пат кон родната Струга. Патот го водел низ Виена, каде што имал средба со хрватскиот бискуп и голем мецена на словенската култура, Ј. Ј. Штросмаер, кој видел интерес да го финансира овој Зборник, тоа и го направил и затоа ние му ја должиме нашата вечна почит и благодарност.

За ваква помош, на Штросмаер му се обраќале и други Македонци: Кузман Шапкарев, Иван Миладинов – еден од потомците на Миладиновци и др. Не е познато од кои причини Штросмаер не одговорил на нивните молби, но важно е што тој целосно го финансирал објавувањето на Зборникот на Миладиновци, заедно со неколкумесечниот престој на Константин во Загреб и во Ѓаково. Зошто толку се заложил на овој план, што му значела оваа книга? Дали сакал со тоа да ги придобие браќата Миладиновци за унијатското движење, кое тогаш било силно во јужните краишта на Македонија, особено во Кукушко. Македонските црковни општини се вртеле кон Рим, незадоволни од грчките свештеници, кои и материјално го ограбувале народот, но го држеле и во духовно ропство. Браќата Миладиновци биле  личности што можеле да бидат од корист за една таква акција. Димитрија имал учителствувано во Кукуш и имал авторитет и познанства со тамошните видни граѓани. Константин, пак, неколку години пред средбата со Штросмаер, ја превел од руски јазик книгата на Јоан Флеров „Православни црковни братства во југозападна Русија“ и напишал предговор за оваа антиунијатска книга. За унијатското движење било од интерес да ги има Димитрија и Константина на своја страна.

Но, се чини дека за да се реши Штросмаер да ја финансира оваа обемна и за тоа време не баш евтина книга,  пресудни биле вредностите на Зборникот. Во него Штросмаер видел вистинска антологија на народниот дух, ретка појава во европската култура. Секако, авторитетот на Штросмаер бил причина уште во текот на печатењето Зборникот да биде најавуван како голем настан. Така Штросмаер го прославил Зборникот, но со Зборникот се славело и неговото име. Зошто доживеал Зборникот, веднаш по објавувањето, голема слава, голем публицитет низ цела Европа?    

Ако се погледне списокот со претплатниици на Зборникот, ќе се види дека неговото објавување го очекувале многу значајни имиња од тогашниот научен, културен, образовен, духовен живот на пошироките европски простори. Меѓу претплатниците се запишани: Константин Петковиќ (нашинец од Башино Село, тогаш руски конзул во Дубровник), Петар Прерадовиќ, Анте Мажураниќ, Ватрослав Јагиќ, Август Шеноа, Лука Зима и други. Зборникот имал претплатници од Загреб, Белград, Карловац, Винковци, Марибор, Осиек Љубљана, но и од Виена, Прага, Софија, Париз, Будим, Хасково и од други места.

Дека објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци претставувало настан од првокласно значење, и тоа во европски рамки, сведочат многубројните одгласи во културна Европа, препевите на песните, позитивните рецензии од угледни славистички или фолклористички имиња. Објективната научна и книжевна мисла се обединила во оцената дека објавувањето на Зборникот е настан од прв ред, настан што извршил силно влијание во тогашниот европски книжевен свет. За тоа зборуваат многуте високи оцени, но и многуте преводи на песни од Зборникот.

Така, на пример, непосредно по објавувањето на Зборникот, во Чешка најпрвин Мориц Фиалка напишал дека тој е „вистинско сокровиште на словенската народна поезија“, а потоа и Јан Гебенауер, кој превел на чешки јазик шеесетина песни од него, ја истакнал „големата поетска вредност на песните“. Подоцна поетот Јозеф Холечек превел 32 песни од Зборникот и со други песни од зборниците на Верковиќ и на Чолаков ги објавил во посебна книга што им ја посветил на браќата Миладиновци. Именувајќи ги како „словенски маченици“, тој во посветата уште ги нарекол „соколи побалкански, предводници на својот народ против фанариотите, кои биле од Турците во Цариград уморени“.

Зборникот имал убави одгласи и во Русија, Германија и во други земји. Имињата на двајцата браќа Миладиновци набргу по нивната смрт биле инспирација за повеќе литературни дела. Така чешкиот поет Светопулк Чех напишал ода со наслов „На браќата Миладиновци“, а во вакво дело со наслов „Епопеја на заборавените“ ги опеал и бугарскиот поет Иван Вазов. Рајко Жинзифов веднаш по веста за нивната смрт ја испеал песната „Вдовица“ (1863), посветена на  сопругата на Димитрија, а полскииот поет Вацлав Володзко за нив напишал повест со наслов „Крвава придобивка“ (1888). Подоцна и други личности од други земји покажале интерес за браќата Миладиновци, за нивниот живот и особено за нивната маченичка смрт, така што нивните имиња влегле и во легендите.

Подоцна Зборникот станал пример како треба да се собира и објавува народното творештво, па така нашол место и во културите на повеќе балкански народи. Како ретко која ваква книга, тој претставува антологија на народното творештво. Поетските чувства на Константин, високото филолошко образование, одбраните информатори и особено големиот број песни му овозможиле да состави зборник со високи уметнички вредности. Дека се работи за вистинска антологија, зборува и податокот од предговорот, каде што самиот Константин вели: „Од неколку песни сме избрали похарната“.

Во науката може да се сретнат и текстови во кои се пишува дека Штросмаер го принудил Константин, односно го уценил да му го финснсира Зборникот под услов да го стави бугарското име во насловот. За тоа нема аргументи во науката. Се знае само тоа дека Штросмаер барал од Константин да ги напише песните и другите материјали со словенски букви, бидејќи претходно биле напишани со грчки букви. Во писмото од 15 мај 1885 година до „Славјанска беседа“ во Софија, Штросмаер се сеќава како  му рекол на Константин да се откаже од грчките букви и да го прифати словенското писмо. „Одвај можете да си помислите каква радост од овие мои зборови светна од очите и целото лице на благородното момче. Блажени се устите, ми рече тој, којшто ми ја изрекоа таа желба, но никој не е поготов од мене тоа да го изврши. И навистина тој го направи тоа за време на својот престој кај мене, и самиот Бог знае дали тоа не било причина, и тој заедно со брат му да падне во темницата цариградска, зашто Грците се гневеа повеќе од самите Турци на тие песни печатени со словенски букви“.

За браќата Миладиновци секогаш зборуваме со емоции. Зашто тие со своето дело и со својот подвиг го забрзаа времето, како што запиша споменатиот Штросмаер дваесетина години по нивната смрт. Денеска ја одбележуваме 165-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци и така им се оддолжуваме на нашите славни предци, кои ни оставија во аманет да го сакаме и чуваме народното творештво, зашто со тоа ја чуваме и татковината. Но, се чини, како да не се слушнати или барем како да не се доволно разбрани.

(Авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)

ИЗДВОЕНИ