Голем медиумски скандал ја потресе Аргентина откако телевизиската водителка Флоренсија Пења во живо објави дека починал Хорхе Меси, таткото на фудбалската суперѕвезда Лионел Меси.

Контроверзната изјава беше дадена во емисијата „Ел Шоу дел Верано“, само неколку дена откако Меси со хет-трик ја предводеше Аргентина до победата од 3:0 над Алжир, на Светското првенство.

  • Не сакам да соопштувам лоши вести, но таткото на Меси штотуку почина – изјави Пења во програмата во живо, додавајќи дека Лео наводно ќе мора да го напушти турнирот.

Сепак, информацијата брзо беше демантирана од семејството Меси. Во официјално соопштение беше наведено дека Хорхе Меси е под медицински надзор и дека успешно закрепнува, но дека не починал.

Семејството жестоко реагираше и на ширењето непроверени информации, обвинувајќи дел од медиумите за недостиг на чувствителност и на почит кон неговата приватност во тежок период.

По бурата од реакции, Пења јавно се извини преку „Инстаграм“, тврдејќи дека информацијата ѝ била дадена како потврдена од продукцијата на емисијата.

  • Многу ми е срам што бев инструмент на оваа болка. Ја преземам одговорноста и затоа решив да се повлечам од телевизија „Луж“ – порача водителката.

Телевизијата потоа соопшти дека ширењето чувствителни информации без проверка е неприфатливо и потврди дека се отпуштени одговорните лица.

Во случајот се вклучи и аргентинскиот претседател, Хавиер Мајли, кој остро ја нападна Пења, нарекувајќи ја „евтин озборувач“ и поздравувајќи ја одлуката на телевизијата да реагира.

Целиот инцидент се случи во период кога поминува Меси низ емотивни моменти. По првиот гол против Алжир, легендарниот Аргентинец беше виден како плаче на теренот, подоцна откривајќи дека зад солзите стоеле лични причини што немаат врска со фудбалот.

Скандалот предизвика огромен бес во аргентинската јавност и отвори нова дебата за одговорноста на медиумите при објавувањето чувствителни и непотврдени информации.

ИЗДВОЕНИ