четврток, јуни 4, 2026
Дома МАГАЗИН Продуцентот Методија Автовски со заслужена награда за Трајни вредности – Прес, во пресрет...

Продуцентот Методија Автовски со заслужена награда за Трајни вредности – Прес, во пресрет на фолк-фестивалот „Владимирово 2026“

32

Новосоздадениот македонски фестивал, „Владимирово“, кој сè поцврсто гордо стои на македонската фолк-сцена, дури и рамо до рамо со постариот брат – „Фолк-фест Валандово“, на завчера одржаната прес-конференција со особена чест му се заблагодари на Методија Автовски, еден од најпочитуваните македонски продуценти.

Академијата на фестивалот го награди Автовски пред присутните естрадни новинари, со наградата за Трајни вредности. Тоа беше причина низ прес-салата да се разлее долготраен аплауз, бидејќи, како што е потенцирано, наградата се доделува на човек што ѝ е максимално посветен на својата професија.

– Методија Автовски досега даде значаен придонес кон македонската музичка сцена и кон македонските фестивали, па така и кон фестивалот „Владимирово“ – кажаа за него на прес-конференцијата. Самиот Автовски ги искажа своите емоции со зборови на благодарност, велејќи дека токму оваа награда му е една од оние најдрагите во богатата кариера.

А како продуцентски ги „спакувал“ маестро Автовски новите песни за „Владимирово 2026“, останува да слушнеме и видиме во директниот ТВ-пренес на Македонската телевизија на 21 мај, на верскиот празник Свети Спас, во организацијата на Културниот центар „Горан Алачки“.  (Д. М.)

ИЗДВОЕНИ