По повеќе од две години од исчезнувањето на малата Данка Илиќ од Бор, во најава е судење на двајцата вработени во „Водовод“ Бор, осомничени за нејзино убиство.
Високиот суд во Зајечар за уште 60 дена го продолжи притворот на Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгиевиќ, осомничени дека на 26 март 2024 година го убиле двегодишното девојче во Бањско Поље, каде што било со својата мајка кога го снемало. Како што пишува српски „Курир“, ваква одлука е донесена откако Апелациониот суд во Ниш го потврди обвинението на Вишото јавно обвинителство во Зајечар.
– Со овој потег, како што често се случува во практиката по потврдувањето на обвинението, притворот е продолжен за стандардниот период од 60 дена, до почетокот на следната фаза од постапката и закажувањето на судењето, открива анонимен извор на порталот.
Но, датумот на судењето сè уште не е познат, a не е одреден ниту судот каде што ќе се одржи главната расправа. Како што појаснува изворот на „Курир“, во оптек се Вишиот суд во Неготин и Вишиот суд во Зајечар, кој е веќе во фаза на одлучување за притворот на осомничените.
–Обвинението е потврдено, но судскиот процес сè уште не е почнат поради бројни прашања, вклучително и одговорноста на осомничените, што ќе се разјасни дури за време на главната расправа, објаснува изворот.
Друг услов за закажување рочиште е и завршување на процесот пред Апелациониот суд за Радован Драгиевиќ, татко на еден од осомничените, кој неодамна беше ослободен од обвинение за помагање на делото.
Апелациониот суд оцени дека собраните докази се доволни за да се подигне основаното сомневање на ниво на оправдано сомневање, како услов за потврдување на обвинението. Тој ги отфрли и тврдењата на одбраната дека нема докази за смртта на детето бидејќи телото не е пронајдено, со став дека смртта може да се докаже со други доказни средства.












