недела, јуни 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПОЗИТИВНАТА ЕНЕРГИЈА ОД САМИТОТ ЕУ – ЗАПАДЕН БАЛКАН СЕ ШИРИ ВО РЕГИОНОТ:...

ПОЗИТИВНАТА ЕНЕРГИЈА ОД САМИТОТ ЕУ – ЗАПАДЕН БАЛКАН СЕ ШИРИ ВО РЕГИОНОТ: „Нон-пејперот“ од Тиват донесе видлив оптимизам и во Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека документот и средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц дадоа силен мотив да продолжиме во делот на реформите да испорачуваме според методот на заслуга, а не според билатерални прашања. „Точно знам што се зборуваше на тие состаноци. Знам што ќе следува во периодот пред нас“ – изјави македонскиот премиер.

26

Новата европска динамика во процесот на проширувањето на Европската Унија најавена на самитот со западнобалканските земји во црногорскиот град Тиват донесе оптимизам во Македонија. Ова првенствено поради фактот што понудениот „нон-пејпер“, зад кој стојат францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, во својата основа, покрај другото, има механизам со кој првенствено ќе се вреднуваат заслугите, а не билатералните прашања. Задоволството од ова и од резултатите на самитот завчера искажа и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој оцени дека договореното претставува силен мотив нашата земја да продолжи со реформите.

– Пораките од Тиват беа силни – процесот на проширување не е завршен. „Нон-пејперот“ што го имаат подготвено Германија и Франција претставува значајно подигнување на нивото на односите меѓу Западен Балкан и ЕУ. Тој документ и таа реформа овозможуваат механизам со кој ќе имаме право на поголемо користење одредени алатки и тоа никако не е во конфликт со проширувањето, тоа се паралелни процеси. Ова е еден процес, а проширувањето си останува друг процес. Почести состаноци кои веќе нема да бидат на ниво на самити ЕУ– Западен Балкан двапати годишно, еднаш во јуни, еднаш во декември, од она што успеав да заклучам е дека такви состаноци ќе имаме најмалку двапати месечно, што е секако добро да можете со луѓето кои одлучуваат да разговарате, да креирате разни политики и да ја градите иднината заедно – изјави Мицкоски при посетата на Институтот за јавно здравје во Скопје.

Најава за поместувања во следниот период

Македонскиот премиер посебно нагласи дека бил единствениот претставник од западноевропските земји кој имал билатерални состаноци со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

– Мерц и Макрон дадоа силен мотив да продолжиме во делот на реформите да испорачуваме според методот на заслуга, а не според билатерални прашања, тоа беше неколкупати нагласено на самиот самит. Точно знам што се зборуваше на тие состаноци. Знам што ќе следува во периодот пред нас. Дел од планот подразбира затворање одредени кластери, тоа значи почеток на преговори. На состаноците ја пренесов сета политика и тоа што го зборувавме изминатиов период. Од соговорниците добив одговори на дел од дилемите и кога ќе го имаме сето ова предвид, оттаму доаѓа мојот оптимизам и инспирација. Значи, не е точна тезата дека се потребни измени на договори за да може овој План за пораст да биде функционален. Тој е прецизно направен за да овозможи механизми и за тие кои се само кандидати. Точно е дека одредени делови од овој план подразбираат да бидат затворени одредени поглавја, но и тука ќе има одредени поместувања во следниот период, така што да ја видиме последната верзија, па сите ќе можеме да дискутираме. Во секој случај, ова е силна порака од страна на Европската Унија – рече Мицкоски по посетата на Институтот за јавно здравје.

​По изјавата на премиерот на Бугарија, Румен Радев, во Тиват дека Македонија мора да направи уставни измени за да ги почне преговорите со ЕУ, Мицкоски рече дека додека е претседател на Владата, никогаш нема да поддржи уставни измени во кои нема да има јасен крај, дека ќе го почнеме процесот и ќе го завршиме.

– Додека немам јасни гаранции дека веќе нема да има билатерални и идентитетски прашања, само таков тип уставни измени можам да поддржам. Сè останато, нема никогаш да го поддржам – рече Мицкоски.

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, во Тиват изјави дека ЕУ планира постепен процес на вклучување на земјите од Западен Балкан во европските структури, со цел нивно поблиско интегрирање и забрзување на патот кон полноправно членство. Според објавената содржина на француско-германски „нон-пејпер“, во него се наведува дека политиката на проширување треба да добие нов поттик, со цел Унијата да се заокружи како вистинска Европска Унија.

– За да ја претвориме оваа амбиција во реалност и да внесеме нова динамика, мора да обезбедиме дополнителни поттикнувања како дел од процес на постепена интеграција заснован на заслуги, како и да го поедноставиме сегашниот процес за да стане поефикасен и да овозможи побрза и подлабока интеграција во ЕУ врз основа на Копенхашките критериуми – пишува во документот.

Се предлага нов пристап ориентиран кон процесот, со намалување на прекумерно формализираните процедури и спојување на одредени административни чекори. Дополнително, со согласност на земјите членки, би се забрзало отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи ЕК. Во документот се нагласува дека фокусот на земјите кандидати, ЕК и Советот на ЕУ треба да биде ставен на суштината на реформите, а не на процедурните прашања. Како дел од новата претпристапна стратегија се предлага воспоставување систем на „градежни блокови“, што постепено ќе ги приближуваат земјите кандидати до Унијата. Тие би се надоврзувале на постигнатиот напредок, но би биле и реверзибилни во случај на назадување во реформите или непочитување на основните вредности и принципи на ЕУ.

Опозицијата бара одговор на прашањето што ќе се прави?

Резултатите од Самитот во Тиват добија и позитивни оценки од политичките аналитичари кои, сепак, укажаа дека на промовираниот модел на забрзаната интеграција му недостасува објаснување како овој процес ќе се одвива за државите кои сè уште не ги почнале преговорите, а каква што е Македонија. Ваквиот епилог, викендов, повлече и реакција на најголемата опозициска партија СДСМ, чиј лидер, Венко Филипче, завчера изјави дека „власта веќе нема изговори за блокирањето на европската перспектива на државата“. Тој го повика премиерот Мицкоски да каже што ќе прави сега по оваа позитивна реторика.

– Премиерот треба да каже што ќе направи, еве кога веќе е јасно позитивна реториката. Што ќе направи следно? Сега, кога очигледно е дека Црна Гора оди напред, Албанија исто така. На што сега ќе се извади владата? Што е тоа што ќе го побара? На што повеќе нема да верува по ваквите изјави и на Макрон и на Мерц? – истакна Филипче, осврнувајќи се на пораките испратени од самитот во Тиват.

Според него, токму затоа европските лидери испраќаат јасна порака до граѓаните на Западен Балкан да не подлегнуваат на лажните кампањи дека Европа не ги сака.

– Очигледно е дека високите претставници, конкретно претседателот на Франција и канцеларот на Германија, решиле дека на граѓаните на Западен Балкан треба јасно да им се упати пораката дека не треба да им се верува на лажните пропаганди и на лажните кампањи дека во Европа не нè сакаат – истакна Филипче.

На ова вчера одговори портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, кој го обвини Венко Филипче дека заедно со бугарскиот претседател Румен Радев инсистира на уставни измени, додека европските претставници ги поздравуваат реформите што ги спроведува македонската Влада.

– Сите од ЕУ со внимание ги следат реформите на македонската влада и ги поздравуваат, велејќи дека сме лидери во регионот. Само Филипче и Радев велат дека единствена реформа се уставните измени. Филипче и СДС, наместо да застанат зад македонските интереси, тие спремаат уште поголемо предавство – потенцира Манасиевски. (Б. Ѓ.)

Софија го блокира Акцискиот план за малцинствата

Премиерот Христијан Мицкоски завчера изјави дека Акцискиот план за малцинства е целосно подготвен, усогласен со експерт назначен од Европската комисија и неофицијално добил поддршка од 26 земји членки на ЕУ, додека една држава сè уште има забелешки. Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ИЈЗ, Мицкоски рече дека не располага со конкретни информации за барањата на земјата која се противи на документот.

– Акцискиот план за малцинства е готов и усогласен со експерт за човекови права добиен од Европската комисија. Имаше две јавни расправи, што ретко се случува во вакви процеси. Неофицијално можам да кажам дека документот е усогласен со 26 земји членки на ЕУ, освен со една. Истата таа земја е против и нашето учество во иницијативата „Три мориња“. Тоа е реалноста“, изјави Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ