Во Косово е поведена петиција за промена на името на државата во Дарданија, пишуваат српските медиуми повикувајќи се на објава на страницата „кос_дата“, на „Икс“.
Во објавата на таа страница пишува дека Дарданија било античкото име на регионот и затоа иницијаторите сметаат дека треба да се врати како официјално име на Косово. Тие се повикуваат на историски податок дека имало илириско кралство со тоа име на тоа место.
Ова не е првпат да се поведе ваква петиција во Приштина. Идентична иницијатива беше поведена на плоштадот во Приштина, кон крајот на 2024 година. Сега, целта на организаторите е да соберат 10.000 потписи, кои потоа ќе ги достават до косовското Собрание, со барање за промена на името.
– Главната цел на оваа иницијатива, како што истакнуваат експертите, е целосно уништување и бришење на вековниот словенски културен и историски идентитет од оваа област. Самиот збор Косово има чисто српско и словенско потекло, изведено од името на птицата кос, додека нема оригинално значење во албанскиот јазик, наведува „Телеграф.рс“.
Порталот додава дека истовремено, српската историографија потсетува дека модерната светска наука не признава никаков директен генетски, културен или јазичен континуитет помеѓу античките Дарданци и денешните Албанци. Тезите на албанските теоретичари што го изведуваат името Дардани од албанскиот збор за круша („дарда“), српските експерти, потпирајќи се на авторитети како Константин Јиречек, ги отфрлаат како наивна народна етимологија. Покрај тоа, пишува „Телеграф.рс“, географските граници на античка Дарданија опфаќале многу поширока област, вклучувајќи го Ниш во централна Србија и Скопско во Македонија, па затоа нејзиното вештачко сведување на сегашните административни граници на Косово е историски неосновано.












