среда, ноември 18, 2026
Дома МАГАЗИН Принцот Хари е подготвен да се врати во војска и да се...

Принцот Хари е подготвен да се врати во војска и да се бори против Русија

0
EPA/TOLGA AKMEN

Принцот Хари изјави дека е подготвен повторно да ѝ се приклучи на британската војска за да се бори против Русија, предупредувајќи дека „сите треба да бидеме загрижени“. Војводата од Сасекс, кој помина десет години во британската војска (од 2005 до 2015 година), рече дека „100 отсто би се одзвал на повикот и би ѝ служел на својата земја“.

Оваа изјава ја даде за време на ненајавената посета на Лавов, Украина, минатиот викенд. Тој го критикуваше пристапот на американскиот претседател Доналд Трамп кон Украина, тврдејќи дека тој не ги одразува ставовите на пошироката американска јавност. Принцот исто така истакна дека Британија е во конфликт со Русија во текот на изминатата деценија, иако тој конфликт не вклучувал „дронови, куршуми и ракети“.

Војводата (42) изјави дека, доколку се појави потреба, би бил подготвен повторно да служи во војската.

„Можеме многу да научиме од Украина. Мислам дека целиот свет може многу да научи од Украина. Ако добијам повик повторно да стапам во војска – доколку има потреба – би бил 100 отсто подготвен да ѝ служам на мојата земја, рамо до рамо со моите колеги ветерани и припадници на вооружените сили“, рече тој.

Принцот служел во британската војска десет години, вклучувајќи две мисии во Авганистан како пилот на хеликоптер „Апачи“. Тој го стекнал чинот капетан. Откако ја напуштил војската, станал покровител и застапник за правата на ветераните и воените лица.

Во 2014 година, тој ги основал „Игрите Инвиктус“ (Invictus Games) – спортски натпревар наменет за поддршка на ранетите, повредените и болните воени лица и ветерани. Војводата ги даде овие изјави за весникот „Телеграф“ (The Telegraph) за време на ненајавената посета на Украина минатиот викенд, каде што присуствуваше на квалификациските настани на украинскиот национален тим за „Игрите Инвиктус“.

Ова беше негова четврта посета на Украина од почетокот на руската инвазија. Во неделата, тој го посети центарот „Суперхуманс“ (Superhumans Center) во Лавов, специјализирана медицинска установа за протетика и рехабилитација. На прашањето дали моменталната геополитичка ситуација го загрижува, војводата одговори дека смета оти „сите треба да бидат загрижени“ и дека земјата мора да биде „подготвена“. Тој додаде дека оние што претходно служеле во војската „треба да бидат подготвени повторно да се одѕвиват на повикот“.

Принцот Хари исто така изјави дека верува оти Европа конечно се „разбудила“ и станала свесна за заканата што ја претставува Путин, но изрази загриженост дека континентот би можел, во следниот чекор, да се „сврти против самиот себе“. Неговите коментари доаѓаат во време кога лидерите на НАТО се сè позагрижени поради можен руски напад. Забележан е пораст на сајбер-нападите, а во септември, шефовите на разузнавачките служби предупредија дека Путин можеби подготвува напад во рок од „месеци, а не години“.

Британската влада во повеќе наврати ги советуваше домаќинствата низ Англија да направат залихи од конзервирана храна, флаширана вода, готовина и резерви за итни случаи. Британската војска моментално располага со стратешка резерва од 95.000 поранешни припадници на редовниот состав и резервисти, кои би можеле повторно да бидат повикани во служба во случај на криза.

ИЗДВОЕНИ