Конгресменот Роберт Гарсија, кој се очекува да застане на чело на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на САД, испрати официјални писма до десетина соработници и членови на семејството на претседателот Доналд Трамп. Со ова демократите најавуваат истраги за наводна корупција и за постапувањето во случајот со Џефри Епстин, објави „Ројтерс“.
По успехот на неодамнешните избори, демократите најавуваат дека ќе ги искористат новите позиции за, како што велат, да спречат лично збогатување и злоупотреба на службената должност.
Гарсија побара од примателите да ги зачуваат сите документи поврзани со можни судири на интереси и злоупотреба на владини ресурси. Барањата се испратени до синовите Доналд Трамп Помладиот и Ерик Трамп, зетот Џаред Кушнер и поранешната амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл. На списокот се и потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот обвинител Тод Бланш, шефот на кабинетот Стивен Милер, како и поранешните функционери Сузи Вајлс, Кристи Ноем и Кори Левандовски.
Дел од истрагата се однесува на објавувањето документи за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин и префрлањето на неговата соработничка Гислејн Максвел во затвор со минимална безбедност. Гарсија порача дека демократите нема да го толерираат одбивањето на администрацијата да одговори на барањата и дека нема да се двоумат да ги принудат лицата кои го олеснуваат прикривањето на злосторствата да ги достават информациите.
Од администрацијата на Трамп ги отфрлија најавите. Портпаролката Лорен Бис оцени дека демократите со „лажни истраги работат против американскиот народ“, додека адвокатот на Белата куќа, Вил Шарф, истакна дека актуелните барања од малцинството немаат правна сила и нема да важат во јануари, кога демократите официјално ќе ги преземат комисиите.
Истовремено, претседателот Трамп му наложи на Министерството за правда да испита дали демократските пратеници упатуваат закани. Иако обвинителот од Хјустон, Арон Рајц, веќе испрати предупредувачки писма до демократите тврдејќи дека истрагите немаат легитимна законодавна цел, правните експерти ги оценија ваквите потези како политички напад врз противниците.












