четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Приказна за македонскиот рубин која ја освои сребрената награда

Приказна за македонскиот рубин која ја освои сребрената награда

51

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со ученичките од трета година од гимназијата „Ѓорѓи Димитров“ во Скопје, кои со својот труд и со својата креативност веќе оставаат впечаток на национално ниво.

Станува збор за Марија Ташевска, Јасемин Демировска и Ангела Ристовска, заедно со нивната професорка Марина Иванова, кои во рамките на предметот Говорење и пишување изработиле документарен филм посветен на македонскиот рубин – тема што отвора важни прашања за природните и за минералните богатства на нашата земја.

Нивниот филм беше претставен на државниот фестивал за непрофесионален филм, во организација на Народна техника, каде што во конкуренција на околу 40 филма ја освоија сребрената награда – успех што зборува за истражувачкиот дух и за искрената љубопитност.

Министерката Божиновска ја поздрави нивната иницијатива, потенцирајќи дека токму ваквите примери се доказ дека младите имаат потенцијал да ги препознаат, истражуваат и афирмираат вредностите на сопствената земја.

– Особено ме радува што младите избираат да зборуваат за теми што се директно поврзани со нашите природни ресурси и богатства. Македонскиот рубин не е само минерал туку и дел од нашиот идентитет и вистинско богатство. Ваквите иницијативи треба да се поттикнуваат и поддржуваат, бидејќи знаењето и свесноста започнуваат токму од младите генерации – истакна Божиновска.

Од Министерството соопштија дека на средбата била нагласена потребата од поголема едукација и вклученост на младите во темите поврзани со енергетиката, рударството и со одржливото користење на природните ресурси, како и важноста на нивното активно учество во градењето на идните политики.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нагласуваат дека остануваат отворени за поддршка на ваквите иницијативи, кои, како што велат, не само што ја промовираат креативноста туку и ја јакнат свеста за вредностите што ги поседува нашата земја.

 

ИЗДВОЕНИ