Американскиот претседател Доналд Трамп имаше „тензичен“ телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четврток, непосредно пред Израел да објави дека ќе бара директни разговори за прекин на огнот со Либан, соопштија денес американски и израелски извори запознаени со разговорот.
Израелски извор за Си-Ен-Ен изјави дека Нетанјаху разбира дека ако не повика на директни разговори со Либан, Трамп едноставно може да прогласи прекин на огнот.
Тоа беше барем третиот разговор меѓу Трамп и Нетанјаху оваа недела во кој Либан беше клучна тема. Двајцата лидери разговараа во вторник пред Трамп да објави двонеделен прекин на огнот со Иран, а според израелскиот извор, Нетанјаху лобирал кај Трамп да го држи Либан надвор од разговорите за прекин на огнот со Иран.
Потоа разговараа еден ден подоцна, кога Трамп побара од Нетанјаху да ги намали нападите врз Хезболах во Либан.
Кабинетот на Нетанјаху за Си-Ен-Ен изјави дека описот на неговиот разговор со Трамп како „тензичен“ е „лажна вест“ и дека станува збор за „пријателски“ разговор.
„Двајцата лидери работат во целосна координација и со меѓусебно почитување“, соопшти канцеларијата на Нетанјаху, според Танјуг.












