Првпат во историјата на Обединетите нации, со седница на Советот за безбедност наместо претседател на држава, претседаваше неговата сопруга. Вчерашната седница посветена на децата во вооружените конфликти и на улогата на образованието во унапредувањето на толеранцијата и на светскиот мир, ја водеше првата дама на САД, Меланија Трамп.
Обраќајќи се, таа упати искрено сочувство до семејствата на загинатите припадници на американските сили и им посака брзо закрепнување на повредените, без директно да ја спомене актуелната воена операција во Иран. Додаде дека се надева оти мирот наскоро ќе им припадне на сите деца во светот.
По седницата, таа се фотографираше со членовите на Советот, вклучувајќи ги и претставниците на Кина и на Русија, кои на вонредна седница во саботата остро ги критикуваа нападите на САД и на Израел врз Иран.
Присуството на Меланија Трамп, кое се оценува како преседан во историјата на ОН, се случи на првиот работен ден од американското претседавање со Советот за безбедност, откако САД ја презедоа функцијата од Обединетото Кралство.












