Младиот музички феномен Јаков Јозиновиќ синоќа приреди спектакл за паметење во преполната Арена „Јане Сандански“ во Скопје, каде што фанови од цела Македонија дојдоа да бидат дел од настанот за кој долго ќе се зборува.


Концертот започна во еуфорична атмосфера со неговиот хит „Polje ruža“, со кој Јаков уште од првите акорди ја крена публиката на нозе. Салата беше исполнета со енергија, а публиката – од најмлади до највозрасни – во еден глас пееше заедно со него.

Она што посебно ја одбележа вечерта беше емотивниот момент кога Јаков, како што и претходно најави, на македонски јазик ја отпеа легендарната „Боже чувај ја од зло“ од Тоше Проески. Овој гест беше дочекан со громогласен аплауз и видливи емоции кај публиката.
Во текот на концертот, Јаков не ја криеше својата благодарност, па со солзи и радост и се заблагодари на македонската публика за поддршката и љубовта што му ја дава. Атмосферата во арената во повеќе наврати достигнуваше кулминација, а еуфоријата не стивнуваше до самиот крај.

Со овој настап, Јаков Јозиновиќ уште еднаш покажа зошто важи за еден од најголемите феномени на новото време, оставајќи силен впечаток и создавајќи незаборавна вечер за сите присутни.












