среда, ноември 18, 2026
Дома СКОПСКА Преминувањето на дигитален пас не го укинува правото на бесплатен студентски превоз

Преминувањето на дигитален пас не го укинува правото на бесплатен студентски превоз

1

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ го отфрла како неосновано припишувањето одговорност на претпријатието за сите пријавени тешкотии со дигиталните студентски пасови, без проверка на поединечните случаи.

– Преминувањето на дигитален пас не го укинува правото на бесплатен студентски превоз. ЈСП постапува исклучиво врз основа на официјални и проверени списоци доставени од овластените лица определени од УКИМ, Универзитетот „Мајка Тереза“ и останатите универзитети, односно факултети. Потврдувањето на студентскиот статус и точноста на доставените податоци се во нивна надлежност – тврдат од претпријатието.

Оттаму појаснуваат дека при проверките биле утврдени погрешни адреси на е-пошта, обиди за инсталирање на истиот пас на два уреда, што доведува до негово блокирање, како и паралелно користење дигитален пас и електронска картичка.

– Блокирањето на досегашните картички служи и за спречување двојно користење и можни злоупотреби – децидни се од ЈСП.

Според надлежните од ЈСП, бројот на пријави сам по себе не ја докажува причината ниту одговорноста за тешкотиите.

– ЈСП останува достапно за нивно разрешување во соработка со факултетите и очекува „Студентарија“ целосно да ги пренесе доставените појаснувања. Заклучоците за одговорност мора да се темелат на проверени факти – нагласуваат од претпријатието.

 

ИЗДВОЕНИ