Со премиери, претстави, со читање на македонската порака од театарот „Златен Елец“ и светската на американскиот актер Вилијам Дефо, но и со други активности, ќе се одбележи 27 Март, Светскиот ден на театарот, во театрите во нашата земја.

„Болва в уво“, фото: П.Стојановски

Во Драмски, под мотото „Дарувај крв – одиграј ја најхуманата улога!“ и во соработка со Општинската организација Карпош на Црвениот крст, на 27 март, од 11:00 до 17:00 часот, во фоајето ќе биде организирана хуманитарна акција за дарување крв, со цел да се поттикне свеста за значењето на крводарителството и да се помогне во спасувањето човечки животи. Во духот на театарот, како уметност што ги слави човечноста, емпатијата и заедништвото, актерите од Драмски ги повикуваат сите граѓани да учествуваат во оваа благородна акција и да станат дел од еден чин на хуманост и солидарност што има вистинска и непроценлива вредност. Во знак на благодарност, пак, секој крводарител ќе добие подарок: два билети за театарска претстава за која сѐ уште има билети на редовниот репертоар на овој театар, во текот на април. Вечерта (27 март) од 20:00 часот, ќе се изведе „Болва в уво“, комедија на Жорж Фејдо, а во режија и адаптација на Синиша Евтимов. Улогите во претставата се на актерите: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.

Во Македонскиот народен театар, пак, на 27 март од 20:00 часот, премиерно ќе биде изведена танцовата претстава „Диво месо“, современа сценска адаптација на култното драмско дело од Горан Стефановски. Режијата и концептот се на Борче Начев, кореографијата е на Александра Кочовска-Начева и Елена Антонова-Петровиќ, додека музиката е на композиторот Албин Сопа.

– Оваа физичка и емотивна театарска форма создава силна метафора за човекот исправен пред стравот, сиромаштијата и моралната ерозија, поставувајќи го вечното прашање: може ли да опстане човечноста кога се распаѓа светот околу нас? „Диво месо“ не зборува само за минатото туку за секое време на криза и неизвесност. Преку современиот танц, физичкиот театар и редуцираниот есенцијален текстуален израз, сцената пулсира во ритамот на телата што гладуваат, преживуваат и сведочат – се посочува кон копродукциската претстава на МНТ, „Арт Култ-Ура!“, поддржана од Министерството за култура и туризам.

И Театар Комедија ќе ја „почести“ својата публиката на 27 март со премиера. По мотиви на драмата „Кој сум јас во твоите песни“ од Митко Чешларов, премиерно ќе биде изведена претставата „Кој сум јас“ во режија на Наташа Поплавска.

– „Кој сум јас“ е брза и разиграна фарсична комедија за луѓе што играат улоги во сопствениот живот. Луѓе што кажуваат едно, мислат друго, а прават трето. Луѓе што позајмуваат идентитети како што позајмуваат пари. Луѓе што зборуваат за вредности, а тргуваат со нешто друго. Во оваа приказна, работите постепено се комплицираат. Хуморот е жив, понекогаш апсурден, понекогаш болен, но секогаш препознатлив – посочува асистентката по режија и драматургија, Оливија Трајковска.

Во претставата играат: Благој Веселинов, Жаклина Стевковска, Жаклина Петровска, Ева Скендеровска, Матеа Јанковска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Ана Грамосли и Мина Јелушиќ.

Од пробата на „Тестостерон“

И велешката публика за Светскиот ден на театарот ќе гледа премиера во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Нова претстава на Велешкиот театар е „Тестостерон“ од полскиот автор Анджеј Серемонович, а во режија на Синиша Евтимов. Таа е закажана за 27 март и со неа ќе биде отворен театарскиот фестивал „5ре“. Според режисерот, станува збор за сериозна човечка драма, за седум машки исповеди.

– Жените ќе видат една поинаква страна на мажите, кога емоционално се разголуваат тие. Станува збор за неуспешна свадба. Тука се младоженецот, неговиот брат, кумот, татко му… тие споделуваат траума. Човекот се смее на туѓата несреќа, така што претпоставувам ќе има комични елементи – изјави претходно Евтимов.

Во „Тестостерон“ играат: Жарко Спасовски, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Фаик Мефаиловски, Благојчо Стојанов, Филип Христовски и Стефан Николовски. Оригиналната музика за претставата е на Сашко Костов, сценограф е Филип Коруновски, а Јордан Симонов е асистент на режија.

„Чудесниот напиток”

Светскиот ден на театарот прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе го одбележи со изведба на претставата „Чудесниот напиток” на театарот „Златен Елец“, на 27 март од 11:30 часот, во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Интерактивна претстава за младиот волшебник Хари Потер, кој заедно со своите  другари ја наоѓа познатата чудесна напивка што ја има оставено познатиот волшебник Гринимор. Поучна приказна за децата од 3 до 11-годишна возраст, која низ забавни и магични театарски игри ги истакнува љубовта, другарството и вербата како наголеми сили и моќи на човештвото. Во претставата играат: Бобан Алексоски, Надица Петрова, Бранко Михајлоски, како и Тодор Стојковски и Ванеса Тримчевска (гласови).

„Сомнително лице“

На 27 март од 20:00 часот, пак, на големата сцена на Народниот театар – Битола ќе се одигра претставата „Сомнително лице“ на Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Деан Дамјановски. Улогите ги толкуваат: Марјан Ѓорѓиевски, Валентина Грамосли, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Филип Мирчевски, Петар Спировски, Борче Ѓаковски.

-Денот кога сцената му припаѓа на театарот, а аплаузот на публиката, НТБ го слави со легендарната комедија, и тоа со влезници со 50% попуст – само 100 денари, истакнуваат од Битолскиот театар. (Н. И. Т.) 

ИЗДВОЕНИ