Претставата „Секс, лаги и главоболки“ во режија на Александра Кардалевска ќе биде премиерно одржана на 22 мај во Театар Комедија. Се работи за претстава која е инспирирана од животното искуство, а е производ на колективно авторство.
Од Театар Комедија истакнуваат дека претставата нуди смеа, препознавање и моменти за размислување, оставајќи го гледачот со чувство дека бил дел од еден жив, вистински и емотивен свет.
Во „Секс, лаги и главоболки“ играат Жаклина Петровска, Елена Кузманов, Тони Денковски и Сергеј Димовски, а со глас учествува и Жаклина Стевковска – Дрнасин.
„Претставата е динамична, духовита и емотивна, со леснотија се движи на тенката линија помеѓу хуморот и драмата, но секогаш останува искрена и блиска до животот. Преку четири различни приказни, што ќе ја разголат комплексноста на љубовните односи, од комични недоразбирања до болни откритија, четворица актери мајсторски толкуваат повеќе ликови, поставени во парадоксални ситуации на нивните љубовни односи, брачни предизвици и неверства“, посочуваат од театарот.
Драматург е Благица Секулоска. Сценографијата, костимите и визуелниот дизајн е на Онур Озџан. Дизајнот на светлото е на Душан Кардалевски, музиката на Оливер Јосифовски, Давор Јордановски и Михајло Михајловски.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Следната изведба на претставата „Секс, лаги и главоболки“ е на 30 мај.