четврток, јуни 4, 2026
Дома КУЛТУРА Премиера на „Магичната флејта на Вулфи“ во Филхармонијата; Симфониски концерт за деца

Премиера на „Магичната флејта на Вулфи“ во Филхармонијата; Симфониски концерт за деца

49

Македонската филхармонија на 14 март, со почеток во 12:00 часот, премиерно ќе го одржи симфонискиот концерт за деца насловен „Магичната флејта на Вулфи“. Авторка на приказната, која ќе биде и нараторка на концертот, е Тина Иванова, додека како актер ќе настапи миленикот на детската публика, Мартин Јордановски.

Диригент ќе биде маестро Иван Еминовиќ, а оркестарот ќе изведе дел од богатиот опус на славниот Волфганг Амадеус Моцарт.

„Магичната флејта на Вулфи“ е книга за деца што е инспирирана од музиката на Моцарт, но се работи за автентична приказна што ги опишува авантуристичкиот карактер на малечкиот Вулфи и неговата средба со „магичната флејта“. Неговите палавштини, разноразни активности, комичните игри, љубопитноста и потрагата по мистериозното го прикажуваат неговиот интересен карактер, кој се обликува и преку комуникацијата со другите ликови во приказната како Таткото, неговата тетка Марија Лепка Лепенка, трепкачкиот сосед – Чичко Франц, Магичната флејта… Огромната љубопитност на малиот Вулфи, всушност, еден ден ќе го одведе до визбата на својот татко, каде што ќе се сретне со Магичната флејта. Таа, со своите звуци и пискав „глас“, ќе му помогне да му се оствари најголемата желба, а тоа е да стане славен музичар.

Приказната е збогатена со фантазија и со малку магија, која на крајот станува реалност. Претставата има забавен, но и едукативен карактер, со што идејата е да се поттикнат најмалите да ја засакаат музиката на Моцарт и на славните класичари, а во исто време, преку забава, да научат дека фантазијата и секоја желба, ако е голема и искрена, на крајот се остварува.

ИЗДВОЕНИ