– Се пронајдов во новата песна, која авторот Љупче Василев грижливо ја чуваше на парче хартија, речиси пет години, во фиока, онака како што побарав од него тогаш. Долго го чекаше својот момент – вели популарната пејачка
Дојде пролетта предвреме, па и Елена Велевска расцути. Како, на кој начин? Деновиве, публиката ја слуша популарната македонска фолкерка со најновата песна насловена „Еј, жено“, која има прекрасни стихови: „Еј, жено, надеж се гаси ко ранета срна во снегот, очајот не ти е брат – разбуди го ѕверот… Еј, жено… гордо исправи се, немој за милост да молиш… Еј, жено, љубовта умре, но нова пак ќе се роди, животот еден е – не давај да те боли“. Автор на песната е Љупче Василев. За овие стихови, кои се чувани на парче хартија, речиси пет години, во фиоката на авторот, згодната Велевска вели дека секоја жена се пронаоѓа во нив доколку ѝ се случи љубовен бродолом. Песната трпеливо го чекаше својот момент, сè до неодамна, кога Василев повторно ја потсетил дека сè уште ја чекаат стиховите, онака како што побарала таа тогаш. И како што вели народот, кога треба нешто да се случи, едноставно се случува, така и оваа емотивна балада, конечно, го доби својот вистински момент во вистинско време.
За оние што ја следат домашната естрада, познато е дека Велевска доживеа еден таков бродолом пред неколку години. Сега е само среќно разведена. Се исправи, со крената глава и со верба во себе. Нејзината кариера е во нагорна линија и никогаш не беше под прашалник. Има полни раце работа, што значи дека е барана од публиката.
Музиката, аранжманот и целокупната продукција се дело на Дејан Момироски, додека видеото е реализирано во соработка со „Томато продукција“.
– Ова е една од најзначајните песни во мојата досегашна кариера. Долго го чекаше својот момент и ете го тој момент. Песната прилично се разликува од оние што сум ги пеела досега. Едноставно кажано, се пронајдов во неа. Мислам дека не грешам ако кажам дека додека ја пишувал, авторот Василев мислел на мене – вели насмеаната и повторно разубавена Елена Велевска. (Д. М.) фото:архива












