четврток, јуни 4, 2026
Дома МАГАЗИН Пролетта стартува во Штип, со гала-концерт на Бојана Скендеровски

Пролетта стартува во Штип, со гала-концерт на Бојана Скендеровски

123

Дојдете, уверете се!

Тоа ќе биде преубав настан за сите љубители на македонската поп-музика, гарантирано. На денот на новата пролет, а тоа е 21 март (20.00 часот), популарната пејачка Бојана Скендеровски подготвува вистинско музичко освежување. Во култниот Дом на културата „Ацо Шопов“ во градот под Исарот – Штип, (каде што со децении се одржува и култниот „Макфест“) поп-дивата ќе одржи двочасовен музички спектакл.      И што е најважно, во ова време-невреме на народна беспарица, влезот на концертот ќе биде бесплатен. Така одлучи Бојана со својата „Скендеровски продукција“. Ние велиме дека одлуката им е полн погодок!

И малку да се потсетиме. По оној феноменален концерт што Бојана Скендеровски го одржа во декември минатата година во Македонската филхармонија, каде што публиката уживаше во нејзините моќни интерпретации и во нејзиниот сценски гламур, оваа навистина популарна македонска пејачка сега подготвува пролетно освежување. Со оглед и на тоа дека неодамна беше во Белград, Србија, каде што со своите тамошни музички соработници создаде неколку нови песни, секако, на македонски јазик. Наскоро се очекува и промоција, најнапред пред естрадните новинари кои Бојана секогаш ги почитува, воедно и како своите стари пријатели.

Таа, и преку социјалните мрежи, ги поканува сите да бидат дел од оваа штипска вечер на првиот ден на пролетта. Бока, како што нагалено ја ословуваат обожавателите, најавува  изненадувања, песни кои секогаш ги пее со силни емоции. Во сето тоа ќе ѝ помогне нејзиниот бенд составен од вонсериски музичари. Дојдете, уверете се сами.

Дуле Миќиќ (фото:ФБ)

 

 

ИЗДВОЕНИ