вторник, септември 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Инфлацијата во август 2,6 отсто, растот на светските цени на енергенсите веќе...

Инфлацијата во август 2,6 отсто, растот на светските цени на енергенсите веќе се одразува врз домашните

0

Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25 проценти. Одлуката е донесена на редовна седница на Извршниот одбор, при оцена дека актуелната поставеност на монетарната политика е соодветна, но дека и натаму се високи неизвесноста и ризиците за инфлацијата Годишната инфлација во август достигна 2,6 проценти, во однос на 2,3 проценти во јули. Од Народната банка велат дека растот на светските цени на енергенсите веќе се одразува врз домашните цени, додека високата променливост на увозните цени и неизвесноста околу движењето на цените на примарните производи создаваат ризици за инфлацијата во следниот период.

Според централната банка, сè уште е рано да се потврди дека е одржлив трендот на забавување на инфлацијата. Дополнителен ризик претставуваат воените конфликти на Блискиот Исток и меѓу Русија и Украина, кои придонесоа за повторен раст на цените на нафтата и на другите енергенси, како и за нарушувања во синџирите на снабдување.

Ризици за инфлацијата произлегуваат и од домашната побарувачка, поради што Народната банка оценува дека е потребен претпазлив пристап во водењето на монетарната политика.

Девизниот пазар, според Народната банка, останува стабилен. Во јули и во август, централната банка интервенирала со откуп на девизи, но поради поголемите продажби на почетокот од годината, во периодот од почетокот на 2026 година досега интервенциите збирно се со нето-продажба на девизи.

Девизните резерви на крајот од август изнесувале 5,101 милијарда евра, што, како што посочуваат од Народната банка, е ниво во сигурната зона и обезбедува покриеност од 4,5 месеци увоз на стоки и на услуги.

Во меѓувреме, домашната економија бележи раст. Реалниот БДП во вториот квартал од 2026 година пораснал за 4,3 проценти на годишно ниво, што е подобро остварување од очекуваното во априлската проекција. Растот во значаен дел се должи на бруто-инвестициите, особено на градежните активности поврзани со големите инфраструктурни проекти.

Кредитната поддршка во економијата и натаму расте посилно од проектираното, што, според Народната банка, е фактор што треба внимателно да се следи. Растот на депозитната база, засега, не отстапува значајно од очекувањата.

Одлуката за задржување на каматната стапка, заедно со досегашните мерки во делот на задолжителната резерва и макропрудентната политика, треба да придонесе за стабилност на денарот во однос на еврото, долгорочно стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања.

Народната банка најавува дека и натаму внимателно ќе ги следи домашните и меѓународните економски и финансиски движења и ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата. Оттаму велат дека се подготвени да ги употребат сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и на финансиската стабилност.

ИЗДВОЕНИ