Стотици семејства и поединци во Општина Гевгелија остваруваат различни права од социјалната заштита, а потребата од финансиска помош, грижа за старите лица и поддршка на лицата со попреченост останува важен предизвик за локалната заедница.

Социјалната заштита претставува еден од најзначајните сегменти во функционирањето на секоја локална заедница, бидејќи преку неа се обезбедува поддршка за граѓаните што поради материјални, здравствени, семејни или други причини не се во можност самостојно да ги задоволат основните животни потреби.

И во Општина Гевгелија постои широка категорија граѓани што користат различни форми на социјална помош и заштита. Според податоците на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Гевгелија, гарантирана минимална помош примаат 136 домаќинства, додека паричен надоместок за помош и нега од друго лице користат 1.035 граѓани. Надоместок за попреченост остваруваат 113 корисници, додека 76 повозрасни граѓани го користат правото на социјална сигурност за стари лица. Дополнително, 32 корисници примаат гарантиран детски додаток, 75 посебен додаток, а 70 го остваруваат правото на родителски додаток за трето дете.

Паричен надоместок за помош и нега од друго лице примаат вкупно 1.035 корисници, додека еднократната помош најчесто се користи за лекување. Тоа укажува на потребата од дополнителна финансиска поддршка за граѓаните, кои, покрај со здравствени проблеми, се соочуваат и со тешкотии во покривањето на трошоците за лекување. Народната кујна ја користат 32 носители на право, а заедно со соуживателите, вкупно 48 корисници. Ова право го користат корисници на гарантирана минимална помош, самохрани родители, повеќедетни семејства од социјален ризик.

Во надлежност на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Гевгелија е и Дневниот центар за лица со посебни потреби – евидентирани се вкупно 11 лица и згрижени се 11 корисници. Услугата опфаќа дневно згрижување на лицата, индивидуални активности за стекнување животни и работни вештини, социјални, културни и рекреативни активности, социјална поддршка на лицата и на нивните семејства.

Овие бројки не се само статистика. Тие ја покажуваат разновидноста на социјалните потреби во општината и укажуваат дека социјалната заштита не се однесува само на материјално загрозените семејства, туку и на лицата со попреченост, старите лица, децата и семејствата кои се соочуваат со специфични животни тешкотии.

Во насока на проширување на социјалните услуги, во Гевгелија во август 2026 година беше пуштен во употреба Дневниот центар за активно стареење на стари лица. Центарот има капацитет за 50 корисници и е наменет за организирање социјални, културни, едукативни, рекреативни и здравствено-превентивни активности.

Значаен сегмент претставува и личната асистенција за лицата со попреченост, која се реализира преку соработката на Општината и Црвениот крст. Оваа услуга е наменета за лицата со потешка и најтешка попреченост, со комбинирана попреченост и со целосно оштетување на видот. Во евиденцијата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Гевгелија има 29-мина корисници на услугата лична асистенција, која ја даваат 18-мина лични асистенти, додека услугата помош и нега во домот ја користат 40-мина корисници, каде што услугата ја даваат 14-мина лиценцирани негуватели.

Центарот за социјални работи дава и услуги на советување, кои се реализираат преку советодавна работа, со цел превенирање, ублажување и надминување на последиците од настанатите социјални проблеми на поединецот и на семејството. Тука би ги споменале советувањето при развод на брак, родителството, регулирањето на видувањата и контактите со децата по развод на бракот, психосоцијалната поддршка за жртвите на семејно насилство, психосоцијалниот третман на сторителите на семејно насилство и други специјализирани видови советувања. Во овој дел, значајно е да се спомене дека во сите општини за кои е надлежен ЦСР Гевгелија, нема ниту едно советувалиште што би работело со лицата што се во некој социјален ризик и им се неопходни советување и психосоцијална поддршка.

Социјалната заштита во Гевгелија, несомнено, се потпира на повеќе институции и форми на поддршка. Но, вистинскиот ефект на овие мерки не се мери само според планираните финансиски средства и бројот на донесени програми туку, пред сè, според тоа колку граѓани добиваат навремена и соодветна помош.

 (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ