Коалицијата „Студентска листа – Студентите победуваат“ освои 52,64 % од гласовите на предвремените парламентарни избори, според податоците на Републичката изборна комисија. Ниту една предизборна прогноза не го навестуваше ваквиот исход.
Податоците исто така покажуваат дека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ добила 39,22 % од гласовите.
Носителот на листата „Обединета Србија“ Александар Вучиќ синоќа го призна поразот, изјавувајќи дека нема да поднесуваат официјални приговори во врска со изборниот процес и дека очекуваат нова влада да биде формирана во рок од 15 дена.
Сепак, изборните резултати покажаа сооднос на силите што значително се разликува од она што го предвидуваа некои анкети на јавното мислење пред гласањето.
Додека „Фактор плус“ и „Ипсос“ во своите анкети ѝ даваа предност на листата предводена од поранешниот српски претседател Александар Вучиќ, редовните истражувања на „Нова српска политичка мисла“, укажуваа на предност за „Студентската листа“.
Истражувањето спроведено од агенцијата „Фактор плус“ во периодот од 16 до 20 септември, врз основа на примерок од 986 испитаници, покажа дека 62 % од граѓаните ќе излезат на гласање.
Според ова истражување, се предвидуваше дека листата „Обединета Србија“ ќе освои 48,6 % од гласовите, додека за „Студентската листа“ се очекуваше да добие 37,1 %. Според оваа анкета, изборниот праг би го поминале и Социјалистичката партија на Србија (со 4,9 %) и листата „Европска Србија“ (со 3,6 %). „Автентична десница“ исто така беше блиску до прагот, со 2,8 %.
Анкета на „Ипсос“ три дена пред изборите: Владејачката страна е во водство
Анкетата на „Ипсос“, спроведена во периодот од 20 до 22 октомври врз примерок од 3.624 испитаници, покажува дека околу 64,7 отсто од граѓаните би излегле на гласање.
Според резултатите од анкетата, листата на Вучиќ би добила поддршка од 47,4 отсто од оние што ќе излезат на гласање, додека „Студентската листа“ би освоила 40 отсто.
На трето место, според анкетата, се наоѓа листата на Социјалистичката партија на Србија со 3,2 отсто, додека останатите политички актери – според оваа проценка – не би го поминале изборниот праг.
Прорежимските медиуми ја искористија оваа анкета како адут, кој што по големиот собир на плоштадот „Славија“, требаше да ги увери гласачите дека Вучиќ сè уште ужива поддршка од мнозинството граѓани.
Во врска со проценката на „Ипсос“ – објавена непосредно пред почетокот на предизборниот „молк“ – весникот Недељник пишува дека разликата од над 20 отсто „не може да се објасни со статистичка грешка, а јавноста со право очекува одговори од оние што ги спроведуваат анкетите“.
„Нова српска политичка мисла“: Студентите во водство
Есенската анкета на јавното мислење, спроведена од „Нова српска политичка мисла“ (НСПМ) – врз примерок од 1.050 испитаници во периодот од 25 септември до 5 октомври – покажа поинаква слика. Сепак, од НСПМ нагласија дека станува збор за рутинско есенско истражување на јавното мислење, а не за проекција на изборните резултати.
Според оваа анкета, „Студентската листа“ имала поддршка од 44,5 отсто од гласачите, додека листата на Вучиќ имала 42,7 отсто. Проценетата излезност изнесувала 79,8 отсто.
Под изборниот праг останале листите „Фактор на стабилност“ (2,9 отсто), „Европска Србија“ (2,7 отсто) и „Автентична десница“ (2,5 отсто).
Што покажуваат резултатите на РИК?
Според податоците што досега ги обработи Републичката изборна комисија (РИК), гласале 4.268.048 гласачи од вкупно 6.451.292 запишани гласачи. Излезноста изнесуваше приближно 68,1 отсто. „Студентската листа“ освои 52,64 отсто од гласовите, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ доби 39,22 отсто.
Ниту една од другите изборни листи не го надмина изборниот праг. Најблиску до прагот беше листата „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“, со 2,17 отсто од гласовите. „Автентична десница“ освои 0,9 отсто, Сојузот на војводинските Унгарци 0,81 отсто, листата предводена од Расим Љајиќ 0,48 отсто, а Богољуб Кариќ 0,46 отсто, додека „Европска Србија“ доби 0,28 отсто.
Разлика помеѓу анкетите и резултатите
Споредбата на анкетите со податоците од Републичката изборна комисија (РИК) покажува дека поддршката за „Студентската листа“ била поголема отколку што предвидувале предизборните анкети.
Во споредба со резултатите на РИК, „Студентската листа“ остварила резултат за 15,54 процентни поени подобар од проценката на „Фактор плус“, за 12,64 процентни поени подобар од оној на „Ипсос“ и за 8,14 процентни поени подобар од наодите во анкетата на „Нова српска политичка мисла“.
Од друга страна, листата на Вучиќ доби помалку гласови отколку што предвидуваа анкетите. Исто така, вреди да се напомене дека реалниот изборен исход се разликуваше од проекциите во однос на излезноста на гласачите, објави 021.рс.












