Сеск Фабрегас денес е еден од најинтересните млади тренери во европскиот фудбал, но неговата приказна со Комо почна на прилично необичен начин. Пред само неколку години, поранешниот шпански репрезентативец дури и не знаел дека постои клубот од брегот на езерото Комо. Сепак, во август 2022 година потпиша договор со тогаш второлигашот и реши да почне ново поглавје во кариерата. Тој дебитираше 28 дена подоцна, против Бреша, но неговата играчка кариера во Комо траеше пократко од планираното. Само една година подоцна, реши да му стави крај на активното играње фудбал. Но, тука, всушност, почна неговата вистинска приказна во Комо. Откако ја доби тренерската лиценца УЕФА А, доби можност да ѝ се посвети на тренерската работа, а на 13 ноември 2023 година беше назначен за прв тренер, по заминувањето на Морено Лонго. Од тој момент, Комо почна да пишува една неверојатна фудбалска приказна. Клубот избори пласман во Серија А, а благодарение на финансиската поддршка од богатите индиски сопственици, дополнително го засили составот. Но, парите сами по себе не беа доволни.
Фабрегас успеа да создаде тим што верува во неговата идеја, а резултатите почнаа да пристигнуваат. Комо направи огромен чекор напред и стигна до најголемиот успех во својата историја – пласман во Лигата на шампионите.
Сето тоа изгледа уште поневеројатно ако се знае дека самиот Фабрегас пред само неколку години не ни знаел дека има Комо фудбалски клуб.
- Проектот во Комо почна прилично необично. Имав и други понуди, но чувствував дека ова е вистинската одлука. Понекогаш едноставно треба да го следите својот инстинкт – раскажа Фабрегас.
Тој откри и нешто што звучи речиси неверојатно: неколку пати бил во Комо на одмор, но немал поим дека постои фудбалски клуб таму.
Денес, токму тој клуб е дел од европскиот фудбалски врв, а Фабрегас од поранешен играч стана човек што предводи една од најубавите фудбалски приказни во Европа.











