Врховниот сојузнички командант за Европа подготвува нова стратегија за случај на можен руски напад врз источното крило на Алијансата, во која клучна улога би имале беспилотните летала, вештачката интелигенција и други нови воени системи.
Генералот Алексус Гринкевич треба да го претстави документот насловен „Теорија на победата“ – чија верзија со симнат степен на доверливост ја разгледа агенцијата „Блумберг“ – во Полска на 12 октомври. Документот ја опишува стратегијата на НАТО за одговор на евентуален упад на руските сили на територијата на Алијансата.
Планот доаѓа во време на зголемени тензии меѓу НАТО и Русија и бројни извештаи кои укажуваат дека Москва размислува за поагресивни дејства против земјите-членки на Алијансата. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, неодамна изјави дека нема индиции оти Русија се подготвува за конвенционален напад врз Алијансата, иако предупреди дека Европа мора да биде подготвена за долготрајни хибридни напади.
Портпаролот на генералот Гринкевич, полковникот Мартин О’Донел, одби да открие детали за стратегијата, но нагласи дека НАТО е „исклучиво одбранбена“ алијанса.
„Теоријата за победа на Врховниот сојузнички командант за Европа е едноставна: да се задржи предноста на НАТО“, рече О’Донел. „Со оглед на нестабилното и сложено глобално безбедносно опкружување, мораме веднаш да создадеме услови за одвраќање на агресијата и, доколку е потребно, да излеземе како победници во случај на напад“, пренесува „Јутарњи“.
Иако основните принципи според кои НАТО би водел војна се добро познати, Алијансата ретко зборува толку отворено за своите воени планови. Новата стратегија има за цел истовремено да ја увери јавноста дека НАТО е подготвен за потенцијален конфликт и да покаже што точно стои зад значителното зголемување на трошоците за одбрана.
Една од главните цели на документот е да им покаже на сојузниците како традиционалното вооружување би се комбинирало со технологии кои добија огромно значење во последните години – првенствено поради поуките извлечени од војната во Украина. Тука спаѓаат, пред сè, евтините беспилотни летала, системите што бараат минимален број персонал и таргетирањето со помош на вештачка интелигенција.
Во исто време, стратегијата има за цел да ги охрабри европските земји-членки повеќе да инвестираат во одбраната и подобро да се подготват за потенцијален конфликт.
Документот ја нагласува одбранбената природа на НАТО и потребата да се избегнат ненамерни провокации, но експлицитно ја адресира потребата за колективен одговор на хибридните закани – агресивни дејства што не прераснуваат во отворен вооружен конфликт. Логиката на одвраќање овде е едноставна: ако НАТО ја покаже својата подготвеност за војна, противникот би требало да заклучи дека не може да победи.
Сепак, во случај на вистински напад, планот предвидува многу поагресивен одговор. НАТО прво би се обидел да го запре напредувањето користејќи комбинација од копнени сили и други капацитети воспоставени во рамките на иницијативата на Алијансата за одвраќање на источното крило. Евтините беспилотни летала, системите со минимален број екипаж и изборот на цели со помош на вештачка интелигенција би одиграле клучна улога во оваа фаза. Ги враќам десетиците илјади војници дома. Ќе сменам многу генерали. Испратете ме против комунистите и исламистите!
Откако ќе обезбеди слобода на движење за своите сили, НАТО би се обидел да ги уништи непријателските центри за команда и контрола. Крајната цел би била брз и одлучен пораз на руските сили.
Планот доаѓа и во време кога европските членки на НАТО драстично ги зголемуваат своите воени трошоци. Истовремено, во рамките на Алијансата се водат дебати за најдобрата распределба на средствата – односно за балансирањето меѓу традиционалното вооружување, како што се тенковите и артилеријата, и новите технологии кои се покажаа како клучни во војната во Украина.
Во оваа дискусија се вклучи и Вашингтон. Ова лето, Соединетите Држави испратија прашалник до своите сојузници во врска со нивните воени трошоци и поддршката за политиките на претседателот Доналд Трамп, барајќи податоци што ќе послужат како основа за одлуките околу планираното намалување на американските воени капацитети наменети за одбрана на Европа.
Како дел од овој прашалник, САД исто така ги прашаа сојузниците дали располагаат со дополнителни воени сили што би можеле да ги стават на располагање на НАТО за спроведување на одбранбените планови на генералот Гринкевич.












