Од Министерството за животна средина и просторно планирање појаснуваат дека било предвидено градежните работи, согласно со договорот за градба, да траат 36 месеци, но поради тоа што се чекало донесувањето на потребната урбанистичка планска документација, почетокот на градбата бил оддолжен, односно доцнел.
– Согласно со тоа, периодот за градба е продолжен за 18 месеци. Според моменталната програма за работа изработена од изведувачот, градежните активности треба да завршат во ноември 2027 година – образложуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Град Скопје, пак, кратко информираа дека изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Скопје се одвива со значително забрзано темпо, при што моментално реализацијата на градежните активности изнесува околу 33 %
Скопјани сè уште не може да ја видат пречистителната станица, иако годинава требаше да заврши нејзината изградба. Градот Скопје е еден од ретките главни градови што сè уште немаат изградено станица за третман на отпадните води и на целокупната вода.
Според Министерството за животна средина и просторно планирање, изградбата на пречистителна станица за градот Скопје е еден од најголемите инфраструктурни проекти од областа на животната средина и е од исклучително значење за земјава, како од аспект на подобрување на животната средина така и од економски аспект.
Оттаму појаснуваат дека било предвидено градежните работи, согласно со договорот за градба, да траат 36 месеци, но поради тоа што се чекало донесувањето на потребната урбанистичка планска документација, почетокот на градбата бил оддолжен, односно доцнел.
– Согласно со тоа, периодот за градба е продолжен за 18 месеци – образложуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Град Скопје, пак, кратко информираа дека изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Скопје се одвива со значително забрзано темпо, при што моментално реализацијата на градежните активности изнесува околу 33 %.
– Завршувањето на проектот ќе се реализира согласно со утврдениот рок, a во наредниот период ќе информираме дополнително за организацијата на посетата за медиумите, со цел запознавање со тековните активности на терен – одговорија градските власти во врска со изградбата на пречистителната станица.
И од Министерството потврдуваат дека во моментот активно се работи на терен и додаваат дека, согласно со последниот месечен извештај, процентот на реализација на градежните работи е околу 25 %.
Оттаму нагласуваат дека според моменталната програма за работа изработена од изведувачот, градежните активности треба да завршат во ноември 2027 година.
– Потоа ќе следува период на пробна работа од 24 месеци и гарантен период од 12 месеци – потенцираат од Министерството.
Инаку, капацитетот на пречистителната станица е за 650.000 жители и ќе ги опфаќа отпадните води од целото градско подрачје.
Промотор на проектот (односно носител на договорот ) е ЈП „Водовод и канализација“, додека изведувач на проектот е конзорциумот: германската фирма „ВТЕ Васертехник“ – WTE и домашната „Жикол“. Надзорот е на групацијата WSP/IRD. Договорот за изградба е потпишан во април 2023 година.
Проектот чини 186 милиони евра и е финансиран со средства од европските финансиски институции, и тоа: заем (кредит) од EIB – 68 милиони евра; заем (кредит) од EBRD – 58 милиони евра и WBIF Grant (неповратни средства) од вкупно 69.784.283 евра, од кои 64.503.536 за изградбата, а остатокот за услугите (надзор и консултанти).
Како што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање, ова е највисок грант досега доделен во областа на животната средина од страна на Европската Унија.
Еден од најважните инфраструктурни објекти за главниот град, кој треба да обезбеди пречистување на отпадните води што завршуваат во реката Вардар, почна да се гради пред точно една година.
Според проектот, ќе се вршат примарно механичко пречистување и секундарно биолошко пречистување на отпадната вода. Тињата создадена во процесот ќе биде обработена со издвојување биогас, а остатокот ќе биде согоруван. Целиот процес ќе предвидува згуснување, варење, сушење и согорување на тињата на самото место.
Постапката за пречистителната станица започна во декември 2019 година, а тендерот беше распишан во јуни 2020 година и тогаш беше кажано дека со тоа трајно ќе се реши проблемот со отпадните води, од кои најмногу страда Вардар.
Инаку, со овој проект почна расколот на поранешната скопска градоначалничка Данела Арсовска правија со ВМРО-ДПМНЕ во септември 2022 година. Таа го обвини тогашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, дека влијаел на тендерската постапка, поради што беше разрешен од директорската функција.
Но, потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова, потврди дека тендерот за изградба на пречистителната станица во Скопје се одвивал без проблеми, посочувајќи дека тие следеле посебни правила и процедури и вршеле надзор со вонредни и редовни контроли на процесот на јавна набавка.
Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари во Општина Гази Баба, на левиот брег на Вардар, во областа Трубарево. Откако ќе биде пуштена во функција, ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно со европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби, што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од Вардар да биде помалку загадена.
(А. П.)












