Со помош на апликацијата Agro Veda, земјоделците од валандовскиот крај ќе може да добиваат навремени информации за тоа како да постапуваат со земјоделските култури, откако Општина Валандово ги стави во функција своите агрометеоролошки станици.
Од Општина Валандово информираат дека ќе функционираат три станици: во Валандово, Пирава и Удово, со што ќе се опфати најголемиот дел од земјоделските површини во општинскиот регион.
– Ова е конкретен резултат на пристапот со кој општината вложува во современи решенија и директна поддршка за земјоделците. Наместо земјоделците да се потпираат само на сопствената интуиција при носењето одлуки, сега на располагање се точни и навремени податоци од терен – велат од Општина Валандово.
Со апликацијата Agro Veda е предвидено на земјоделците да им се овозможи пристап до клучни агрометеоролошки параметри како, на пример, температура на воздухот, информација кога да се прска, односно како да се врши заштита на земјоделските култури, а посебно на лозарските по кои е познат Валандовскиот Регион.
Општинските власти најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат со активности што носат практична корист за земјоделците, а ќе бидат организирани и презентации на кои детално ќе се претстават можностите и начинот на користење на апликацијата.












