Македонскиот хит „Мераклија“, сепак ќе биде со потпис на вистинските автори!
– Сполај му на Бога и на мојата упорност во одбраната на мојата интелектуална сопственост и авторско право. По повеќедневната „борба“ со влијателната Гранд-продукција и популарното ТВ-шоу „Никогаш не е доцна”, сè си доби убав епилог со среќен крај. Ми се извинија и ветија дека ќе ја поправат грешката. Сега можам спокојно да седам и да го слушам мојот прв прав хит, „Мераклија“, кој ме вивна во светот на естрадата. Песната е слушана и барана и до ден-денешен, не само кај нас туку и насекаде надвор, а најмногу во Србија.
Вака вели, среќно наздравувајќи, нашиот познат кумановски композитор, музичар, текстописец и писател, Бобан Петковски. Споменатата песна не беше потпишана ниту со неговото име и презиме ниту со името на останатите автори, туку само со „традиционал“. А, за што весникот ВЕЧЕР пишуваше пред некој ден.
Од шоуто реагираа мошне коректно и високопрофесионално, на Бобан му пратија известување дека веднаш ќе ја исправат грешката, која во никој случај не е намерна.
– За да ја исправиме неправдата, ќе преземеме неколку чекори: на сите социјални мрежи ќе го ставиме вашето име и презиме, како и името на Сашко Митковски. Ние сме продукција која длабоко ги почитува делата на сите автори за секоја песна која се емитува во нашето шоу. Впрочем, како што знаете и самите, гледајќи ја работата на нашите членови на жирито, Жика Јакшиќ и Саша Милошевиќ-Маре. Искрено жалиме поради грешката настаната на телетопот при настапот на пејачот Боби Амадеус. Ви благодариме за разбирањето, стои во одговорот од Уредништвото на шоуто „Никогаш не е доцна“.
Секако дека Бобан го прифати извинувањето, тоа е она што го побара од нив. Меѓутоа, останува уште еден проблем во врска со песната „Мераклија“.
–Да, останува уште тој еден проблем, па ќе видам како и тоа да го решам. Изведувачот на песната во Србија е српскиот пејач Беки Бекиќ. Но, тој уште во 2000 година ја пријавил во српскиот СОКОЈ како своја авторска песна, вели Петковски. Бекиќ лажно се потпишал, а тоа е кривично дело. Со тоа, Бекиќ направил директна кражба на интелектуална сопственост на вистинските автори. Ние сме оштетени, јас и Сашко Митевски. За овие 26 години не зедовме ниту едно евро од таа наша песна, додека Беки одлично се нафатирал. Веќе нема да може понатаму така. (Д. М.)












