
Итно прекинување на непријателствата, итно почнување преговори, заштита на цивилите и невоените објекти, обновување на поморските линии и давање примат на Повелбата на Обединетите нации. Ова се петте предлози за мир и стабилност во регионот на Заливот и Блискиот Исток, што ги договорија членот на Политичкото биро на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и министер за надворешни работи на Народна Република Кина, Н. Е. г. Ванг Ји, и заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Исламската Република Пакистан, сенаторот Мохамад Ишак Дар, на состанок во Пекинг на 31 март.
Со оваа мировна иницијатива, Кина и Пакистан повикуваат итно прекинување на непријателствата и вложување максимални напори за спречување на понатамошно ширење на конфликтот, потенцирајќи дека мора да се овозможи непречен пристап на хуманитарна помош до сите области погодени од конфликтот. Наведуваат дека при преговорите треба да бидат почитувани и заштитени суверенитетот, територијалниот интегритет, националната независност и безбедноста на Иран и на земјите од Заливот. Притоа, дијалогот и дипломатијата треба да претставуваат единствена одржлива опција за решавање на конфликтите.
Кина и Пакистан ги поддржуваат засегнатите страни за почнување разговори, при што сите страни треба да се обврзат на мирно решавање на споровите и да се воздржат од употреба на сила или закана со нејзина употреба за време на мировните преговори. Со точката за строго почитување на принципот на заштита на цивилите во вооружени конфликти, Кина и Пакистан ги повикуваат страните веднаш да престанат со напади врз цивили и невоени цели и целосно да се придржуваат кон меѓународното хуманитарно право. Потребно е да прекинат нападите врз клучната инфраструктура, вклучително енергетски, десалинизациски и електроенергетски објекти, како и врз мирољубивата нуклеарна инфраструктура, вклучувајќи нуклеарни централи.
Кина и Пакистан, исто така, ги повикуваат страните да ја гарантираат безбедноста на бродовите и нивните екипажи во Хормускиот Проток, кој заедно со неговите соседни води, претставува витална глобална поморска маршрута за транспорт на стоки и енергија. Завојуваните страни се повикуваат што е можно поскоро да овозможат безбедно и непречено поминување на цивилните и комерцијалните бродови и да го обноват нормалниот сообраќај низ Протокот во најкус можен рок.
Кина и Пакистан повикуваат и на практикување вистински мултилатерализам, заедничко зајакнување на водечката улога на Обединетите нации и поддршка на постигнување договор за воспоставување сеопфатна мировна рамка, со цел обезбедување траен мир врз основа на целите и принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право.











