Пратениците на Гренланд денеска одобрија договор меѓу овој арктички остров, Данска и САД, чија цел е зајакнување на безбедноста на Арктикот и во Северниот Атлантик. Ова доаѓа по повеќемесечен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој се обидуваше да добие контрола врз оваа полуавтономна територија што ѝ припаѓа на една сојузничка земја од НАТО.
Трилатералниот договор го отвора патот за воспоставување дополнителни американски бази на Гренланд и ги намалува тензиите околу постојаните сугестии на Трамп дека овој огромен остров би требало да стане дел од Соединетите Држави.
Договорот има за цел да го зајакне военото присуство на САД на Гренланд, истовремено осигурувајќи дека полуавтономниот остров ќе остане под данска контрола. Договорот ќе остане на сила дури и доколку Гренланд во иднина одлучи да стане независен.
Пратениците на Гренланд го поддржаа договорот со 16 гласа „за“, ниту еден „против“ и седум воздржани.
Трамп, данската премиерка Мете Фредериксен и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, го потпишаа договорот во септември, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Данските пратеници треба да расправаат за ова прашање подоцна овој месец.
Според текстот на договорот, тој ќе „стапи на сила“ откако ќе бидат завршени „потребните парламентарни процедури во Кралството Данска, вклучително и на Гренланд“,пренесе „Бета“.












