четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Прашањето повеќе не е дали ќе поскапи храната, туку колку

Прашањето повеќе не е дали ќе поскапи храната, туку колку

Производителите предупредуваат за раст на трошоците и за неизбежно поскапување на основните прехранбени продукти по празниците. Велат дека дури и во случај на брза стабилизација на глобалните пазари, последиците врз домашната економија нема да исчезнат веднаш. Можно е дел од компаниите да бидат принудени на намалување на бројот на вработени или затворање на производствените капацитети

642

Цените на храната на домашниот пазар засега се релативно стабилни, но производителите и трговците предупредуваат дека нема долго да трае овој тренд. Зголемените трошоци за производство, поттикнати од глобалниот раст на цените на енергенсите и на суровините, веќе создаваат сериозен притисок врз компаниите, кои сè потешко го апсорбираат ударот. Производителите велат дека во моментов се трошат постојните резерви и дека соодветно на набавните цени на репроматеријалите, ќе мора да ги зголемат цените за да не работат со загуба.

И светските цени на храната растат втор месец по ред, главно, поради зголемените трошоци за енергија поврзани со ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, покажуваат најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Според тој извештај, шеќерот има повисока цена за 7,2 отсто, маслото за јадење за 5,1 отсто, пченицата за 4,3 отсто…

Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, посочува дека дел од компаниите веќе работат со загуби. Според него, растот на цените на горивата, како и поскапувањето на ѓубривото, алуминиумот, стаклото и на пластиката, директно се одразува на вкупните производствени трошоци.

– Сите влезни „инпути“ во производствениот процес се зголемени, што неминовно ќе се пренесе врз крајната цена на производите. Особено изложени на ценовни притисоци се прехранбените производи што бараат пакување, имајќи предвид дека голем дел од амбалажата е изработена од материјали чии цени бележат значителен раст. Тоа значи дека во наредниот период може да се очекува поскапување на водата, соковите, млекото и на млечните производи, како и на овошјето и зеленчукот – вели Ѓорѓиевски.

Кај дел од производителите на јајца има пораст на цените како резултат на зголемените трошоци, а дел најавија нивно зголемување по празниците.

– И покрај зголемените трошоци, нашата компанија донесе одлука пред Велигден цените на јајцата да останат исти, но по празниците планираме зголемување. Транспортните трошоци растат како резултат на порастот на цените на нафтата, зголемени се и цените на пченицата, сојата, како и цената на амбалажата. Значи, освен на транспортот, има и раст на цените на суровините, репроматеријалите и на сите производствени трошоци. Така што, по Велигден, планираме зголемување на цените на јајцата, бидејќи, во спротивно, нема да работиме рентабилно – изјави за весникот ВЕЧЕР генералниот директор на „Везе шари“, Абдулезел Догани.

Производителите предупредуваат дека дури и во случај на брза стабилизација на глобалните пазари, последиците врз домашната економија нема да исчезнат веднаш. Можно е дел од компаниите да бидат принудени на намалување на бројот на вработени или затворање на производствените капацитети.

Економските очекувања се дека во текот на април ќе започне постепен раст на цените. Најмногу на удар се очекува да бидат шеќерот, маслото за готвење, лебот и житарките, како и месото и млечните производи. Ова се категории што директно зависат од глобалните движења и од цените на енергијата. Главна причина за растот се повисоките цени на енергијата, кои имаат директно влијание врз транспортот, производството и ѓубривата.

ИЗДВОЕНИ