Британскиот велосипедист Адам Јејтс се повлече од годинашното Џиро д’Италија откако доживеа потрес на мозокот. Повредата се случила при сериозен судир на втората етапа, во дождливи услови во Бугарија, а веста за повлекувањето ја објавија британските медиуми.
Возачот на „Емирати“ удрил во заштитната ограда со голема брзина, на влажна патека при спуштање, во инцидент во кој учествувале околу 30 велосипедисти. Иако успеал да ја заврши етапата до Велико Трново, тој загубил повеќе од 14 минути од водечките во генералниот пласман, објавува Би-би-си.
Тимот од Обединетите Арапски Емирати објави дека 33-годишниот Британец има бројни гребаници и исеченица на левото уво. По првичниот преглед на патеката, му било дозволено да продолжи со трката, но подоцна се појавиле симптоми на потрес на мозокот, поради што нема да ја започне третата етапа.
Ова е првпат Јејтс да не успее да заврши трка на Гранд тур на која учествувал. Тој постигна седум пласмани меѓу првите десетмина во генералниот пласман на најголемите тринеделни трки, во текот на својата кариера.
Неговите тимски колеги, Австралиецот Џеј Вејн, и Шпанецот Марк Солер, исто така, беа повредени во таа несреќа. Вејн доживеа потрес на мозокот и фрактура на лакотот, додека Солер – фрактура на карлицата.
Тимот соопшти дека сите тројца ќе останат под медицински надзор пред да се вратат дома за да заздрават во наредните денови.
Близнакот брат на Адам, Сајмон Јејтс, го освои минатогодишното Џиро д’Италија.
По две етапи, Уругваецот Гилермо Силва е водечки во генералниот пласман на годинашново натпреварување.











