Со возобновувањето на стариот француски пат од инфо-центарот на Пелистер до Преспа би се добила патека долга околу 40 километри. Иако примарната намена ќе му биде противпожарна заштита, патот ќе може да го користат и пешаците и велосипедистите. Патеката ќе минува низ делови од Пелистер што нудат поглед кон Преспанското Езеро од едната и кон Пелагониската Котлина од другата страна. Со тоа, старата воена траса треба да добие нова функција повеќе од еден век по изградбата
Стариот земјен пат на Пелистер, кој потекнува од периодот на Првата светска војна, треба повторно да биде ставен во функција и да стане нова пешачка и велосипедска траса што ќе ги поврзе Големото Езеро и Брајчино во Преспа.
Станува збор за дел од поширок план на Националниот парк „Пелистер“ за подобрување на пристапот до планината, заштита од пожари и за развој на еко и на активниот туризам.
Противпожарната заштита – примарна намена на патот
Со возобновувањето на стариот француски пат од инфо-центарот на Пелистер до Преспа би се добила патека долга околу 40 километри. Иако примарната намена ќе му биде противпожарна заштита, патот ќе може да го користат и пешаците и велосипедистите. Патеката ќе минува низ делови од Пелистер што нудат поглед кон Преспанското Езеро од едната и кон Пелагониската Котлина од другата страна. Со тоа, старата воена траса треба да добие нова функција повеќе од еден век по изградбата.
– Ќе се оствари сонот на многу генерации за поврзување на Брајчино со Големото Езеро. Тоа ќе биде пешачка и велосипедска патека – вели Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“.
Патот што води од битолската страна на планината кон Големото Езеро со години е во функција, но поради каменливиот терен, стрмните делници и гранитната структура на планината, движењето по него е предизвик дури и за теренските возила.
Националниот парк веќе расчистил дел од коловозот од камења и вегетација до месноста Широка, каде што е планирано и обновување на ловечката куќа.
Возобновувањето на патот е дел од десетгодишната програма за заштита на Пелистер од пожари, но од управата очекуваат проектот истовремено да отвори и нови можности за туристички развој.
Дополнителен потенцијал за развој на регионот се очекува и со планираното отворање на граничниот премин Маркова Нога во 2028 година, со што би можела да се создаде поширока регионална туристичка траса меѓу Пелистер, Преспа и соседните области.
Битолскиот Камерен оркестар ќе одржи концерт на Големото Езеро на Пелистер
Битолскиот Камерен оркестар, со поддршка од Националниот парк „Пелистер“, на 14 август ќе одржи целовечерен концерт на Големото Езеро на Пелистер.
– Изборот на времето и на локацијата се совпаѓа со персеидите, метеорски дожд што се појавува секоја година во август, од соѕвездието Персеј. Долго време размислувавме да одржиме концерт на Големото Езеро на Пелистер, на надморска височина од 2.218 метри, и тоа ќе биде на 14 август. Ќе приредиме концерт на класична музика со 12-мина изведувачи, членови на битолскиот Камерен оркестар. На репертоарот ќе има класична музика, која се совпаѓа со амбиентот на Големото Езеро, но и звукот што може да се произведе и чуе на овој прекрасен природен простор, бидејќи има одлична акустика. Композициите се посветени на персеидите, метеорскиот дожд, на ѕвездите, на сè што е убаво во овој импресивен амбиент – истакна Љупчо Милевски, директор на Камерниот оркестар на Битола.
Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“, додаде дека соработката на Камерниот оркестар на Битола и со Националниот парк „Пелистер“ е континуирана, а овој пат, како што нагласи, водилка била промоцијата на националното природно богатство со културен настан.
– Сведоци сме дека во последниов период, во светот се организираат концерти и културни настани со цел да се промовира националното природно богатство. Идејата за организирање концерт што ќе го изведе битолскиот Камерен оркестар на Големото Езеро е жива подолго време, но дојде денот ние, како установа, и Камерниот оркестар заеднички да приредиме еден мал подвиг за кој е многу тешко да се обезбеди целата логистика, но ние ќе го направиме тоа. Предизвикот е во тоа што на Големото Езеро ќе има концерт без озвучување, со цел да се чуе и доживее музиката на овој простор. Според мене, околината на Големото Езеро е еден од најакустичните природни простори во Македонија – посочи Тошевски.
На Големото Езеро, кое се наоѓа на надморска височина од 2.218 метри на Пелистер, годинава значително е зголемен бројот на љубители на природата, особено е забележливо присуството на туристи од Холандија, Белгија, Италија.












