Седмицата што измина беше доста активна во делот на асфалтирањето улици и на новите паркинзи во Битола. Општината изгради нов паркинг-простор во поранешната касарна на површина од 1.550 квадратни метри, со што се обезбедени 73 нови паркинг-места. Вредноста на проектот е 6.256.014,18 денари.
Од Општина Битола информираа дека е асфалтирана и улицата „Козара“.
– Проектот опфати асфалтирање на коловозот и реконструкција на водоводната и канализациската мрежа во должина од 230 метри. Вредноста на инвестицијата е 4.000.000 денари – нагласија од локалната самоуправа.
Воедно, центарот на Битола доби нов паркинг-простор. Успешно се реализираше и проектот за изградба на паркинг на улицата „Браќа Џаферови“. На површина од 1.100 квадратни метри, обезбедени се 25 нови паркинг-места. Вредноста на овој проект е 2.752.772 денари.
Како што наведуваат од Општина Битола, освен улицата „Козара“, асфалтирани се и други две улици кај Здравствениот дом.
– Станува збор за улиците „11 Март“ и „Панде Николов“ во должина од 220 метри, а вредноста на овој инфраструктурен проект е 6.073.392 денари – потенцираат општинските власти.
Утре почнуваат и градежните активности за изградба на уште еден паркинг-простор во Битола, на местото викано Ат Пазар.












