Неколку лица беа убиени, а еден полицаец беше сериозно повреден во ужасен инцидент со семејно насилство што се случи во американската држава Орегон, соопштија официјални лица, како што објави ABC News.
Крвавиот пир се случил во градот Сенди, кога полицијата добила повик и веднаш одговорила на пријава за семејно насилство и пукање.
Отворил оган врз патрола, полицаецот е сериозно повреден
Штом полицијата пристигнала на местото на настанот, ја пречекал пекол. Полудениот напаѓач веднаш отворил оган врз полицајците, кои биле принудени да возвратат со оган.
„Еден полицаец претрпел повеќекратни прострелни рани. Тој е итно хоспитализиран и моментално е во стабилна состојба, а лекарите очекуваат да преживее“, потврдил началникот на локалната полиција, Патрик Хаски, на прес-конференција.
Хаски додаде дека неколку лица биле пронајдени мртви во куќата, но поради тековната истрага, тој сè уште не сакал да го наведе точниот број на жртви, ниту нивниот идентитет.
Опсадата траела со часови: На граѓаните им било наредено да се заклучат!
Откако пукал во полицаец и убивал членови на семејството, осомничениот се забарикадирал во куќа. Полицијата веднаш го блокираше целиот кварт и упати драматичен апел до сите жители на овој дел од градот да ги заклучат своите врати, да не излегуваат надвор и да останат во своите домови. По неколку часа опсада и преговори, напаѓачот конечно се предаде на полицијата околу 20 часот по локално време.
Шефот на полицијата нагласи дека ова е невиден и исклучително трауматичен настан за целата локална заедница, која е во шок.
„Нашата заедница длабоко жали за незамисливата загуба на животи предизвикана од овој ужасен инцидент на семејно насилство“, изјави градоначалничката на Сенди, Кетлин Вокер.












