Управата за јавни приходи започнува засилени активности насочени кон субјекти кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем на опрема, како дел од континуираните активности за сузбивање на неформалната економија и унапредување на фискалната дисциплина.

Согласно со службената евиденција на УЈП, во дејностите трговија на големо и трговија на мало, дејности за подготовка на оброци и служење храна, правни и сметководствени дејности, туристички агенции и организатори на патувања (туроператори), каде што претежно се врши промет на добра и услуги кон крајни купувачи со готовински плаќања, 6.451 даночен обврзник се деловно активни и имаат вработени лица, а воопшто немаат регистрирано фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања.

– Од нив, 3.115 субјекти се регистрирани и за целите на ДДВ, што дополнително укажува на вршење редовна деловна активност. Активностите и контролите во првата фаза ќе бидат насочени токму кон овие активни субјекти, со цел нивно итно усогласување со законските обврски за евидентирање на готовинските плаќања – велат од УЈП.

Дополнително, од страна на УЈП се детектирани уште 13.966 даночни обврзници во овие дејности без регистрирани фискални уреди, за кои УЈП ќе спроведе теренски проверки, вкрстување на податоци и други контролни механизми, со цел да се утврди дали тие реално вршат деловна активност без да го пријавуваат прометот и без да пресметуваат и плаќаат даноци.

– Доколку се утврди дека субјектите вршат дејност, но не го пријавуваат прометот и не пресметуваат и плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат поведени и соодветни кривични постапки согласно со Законот – информираат од УЈП.

Согласно со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, секој даночен обврзник кој врши промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат (готовински плаќања) е должен да воведе и да користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања и задолжително да издава сметка за извршениот промет, односно услуга (фискална сметка).

– Во таа насока, даночните обврзници се должни: да воведат и да користат фискален апарат или фискален систем на опрема; да го регистрираат во Управата за јавни приходи пред започнување со вршење на промет; да издаваат фискална сметка за секоја извршена продажба на добра или услуги за која се врши готовинско плаќање – велат од УЈП.

Од Управата за јавни приходи укажуваат дека непостапувањето согласно со законските одредби предвидени во Законот за регистрирање на готовинските плаќања претставува прекршок,за кој се предвидени парични глоби и запечатување на трговски објекти согласно со прекршочните одредби од законот.

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовинско плаќање, а немаат воведено и регистрирано фискален систем на опрема да преземат итни активности за доброволна усогласеност и да извршат набавка, инсталација и регистрација на фискален апарат преку овластен оператор и согласно постапката утврдена од Управата за јавни приходи.

– Управата за јавни приходи ќе го следи усогласувањето и ќе преземе мерки во насока на целосно и задолжително исполнување на законските обврски. Борбата за сузбивање на сивата економија останува еден од приоритетите на Управата за јавни приходи, а контролите за фискализација имаат за цел зголемување на довербата во даночната администрација, создавање ред во економијата и заштита на легалниот бизнис – нагласуваат од УЈП.

 

 

ИЗДВОЕНИ