За Лука Дончиќ, изминатата сезона не беше тешка само поради кошарката туку и поради проблемите во приватниот живот. Словенечката ѕвезда во интервју за „Спорт илустрејтед“ отворено зборуваше за разделбата од своите две ќерки и за периодот низ кој минувал далеку од семејството.

Минатиот декември, Дончиќ отпатува во Словенија по повод раѓањето на својата втора ќерка, Оливија. За време на престојот во родната земја, настанала расправија со неговата тогашна свршеница Анамарија Голтес околу нивната постара ќерка Габриела, по што интервенирала и полицијата во породилиштето во Крањ.

Според неговите зборови, кошаркарот потоа не ги видел своите ќерки околу четири месеци, сè до април. Токму оваа разделба оставила длабока трага врз него и дополнително му ја отежнала сезоната.

  • Токму тоа ја направи минатата сезона толку тешка, изјави Дончиќ, откривајќи колку му недостигале децата.
  • Сакаш да бидеш со своите деца секој ден, а јас ги видов ќерките, што знам, четири или пет дена? Така е невозможно, призна Словенецот.

На прашањето дали очекува ситуацијата наскоро да се реши, Дончиќ одговори со надеж, но без конкретни гаранции. Неговата следна изјава особено одекна.

  • Не можам да поминам низ уште една ваква сезона, порача ѕвездата на НБА, алудирајќи на тежината на личните проблеми со кои се соочувал паралелно со професионалните обврски.

Дончиќ и Голтес се познаваат уште од тинејџерските денови, а по долгогодишна врска се свршија во 2023 година. Заедно ги добија ќерките Габриела и Оливија, но нивната љубовна приказна заврши со разделба.

Случајот доби и правна димензија во САД, каде што беше поведена постапка поврзана со издршката за детето. Дончиќ ангажираше позната адвокатка, Лора Васер, која застапувала бројни славни личности во бракоразводни постапки.

Така, зад кошаркарските настапи и борбата за највисоките цели, Дончиќ минувал низ исклучително тежок приватен период. Неговата исповед покажува колку семејните проблеми можат да влијаат врз животот на еден врвен спортист, дури и кога на теренот од него се очекува да биде на највисоко ниво.

 

ИЗДВОЕНИ