понеделник, октомври 12, 2026
Дома МАГАЗИН Нова ВИ може да открие за што размислувате врз основа на снимки...

Нова ВИ може да открие за што размислувате врз основа на снимки од мозокот

0
Фото:википедија

Научниците развија алатка заснована на вештачка интелигенција која може да предвиди во што гледа некоја личност преку анализа на снимки од нејзиниот мозок, а потоа да создаде високопрецизна реконструкција на таа слика.

Иако технологијата сè уште не е совршена, истражувачите сметаат дека таа претставува значаен чекор кон некаков вид „читање на мисли“.

„Резултатите изгледаат многу импресивно. Но, ако постои начин тајно да се извлечат информации за тоа за што размислувате, тогаш 150 години научна фантастика би можеле да станат реалност, а тоа е загрижувачки“, изјави невронаучникот Томи Спраг од Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара, како што пренесува Futurism.

Тим предводен од Михал Ирани од Институтот за наука „Вајцман“ разви систем кој, според истражувачите, може да реконструира слики од мозочната активност попрецизно од претходните технологии.

Научниците користеле снимки од мозокот на осум испитаници на кои им биле прикажани илјадници слики. Снимките биле доволно детални за да прикажат делови од мозочното ткиво со волумен од само еден кубен милиметар. Развиениот систем, наречен „мозочен декодер“, користи два модела: едниот ја предвидува структурата на сликата, додека другиот ја предвидува нејзината содржина. Врз основа на овие информации, вештачката интелигенција ја реконструира сликата што ја видела личноста.

За да ја подобрат прецизноста, истражувачите создале и обратен модел – „енкодер“ – кој ја предвидува мозочната активност врз основа на прикажаната слика. Ова им овозможило да генерираат голем број синтетички снимки од мозокот и да ги користат за дополнителна обука на системот, со што се елиминира потребата од постојано снимање на нови испитаници.

Сепак, технологијата сè уште прави грешки. Михал Ирани наведе пример во кој системот ја реконструирал сликата од куче во када како коза во када.

Иако оваа технологија би можела да им помогне на парализираните лица кои не можат да комуницираат, таа истовремено покренува сериозни прашања во врска со приватноста на човечките мисли.

Во моментов, за нејзино функционирање се потребни големи и скапи апарати за функционална магнетна резонанца (fMRI), кои овозможуваат снимање на мозочната активност со висока резолуција.

Сепак, експертите предупредуваат дека ситуацијата би можела драстично да се промени доколку слични методи се применат кај преносливите уреди за електроенцефалографија (EEG).

Невронаучникот и филозоф Марчело Јенка од Техничкиот универзитет во Минхен смета дека таквите уреди – калибрирани според мозочната активност на поединецот – теоретски би можеле да им овозможат на компаниите да собираат информации од човечкиот мозок без согласност на корисникот. „Не се сомневам дека ова истражување е спроведено со добри намери, но очигледно е дека технологијата би можела да се злоупотреби за комерцијални цели кои се проблематични од етички и општествен аспект“, предупреди Јенка.

ИЗДВОЕНИ