Собранието вчера го усвои новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, со кој, како што соопшти Министерството за финансии, се воспоставува современа, појасна и поефикасна правна рамка за регулирање на оваа дејност. Новото законско решение, според надлежните, има за цел да ја зајакне заштитата на граѓаните, особено на младите, да ја намали сивата економија, да го унапреди надзорот и контролата, како и да придонесе во борбата против перењето пари и другите финансиски злоупотреби.
Од Министерството посочуваат дека постојниот закон, кој повеќе од една деценија ја уредува оваа област, повеќе не соодветствува на променетите пазарни услови и појавата на нови форми на приредување игри на среќа, што наметнало потреба од системски измени. Со новиот закон се воведуваат повеќе новини, меѓу кои регулирање на подарочните игри (giveaway), за кои се предвидува обврска за дозвола и плаќање соодветни давачки, како и уредување на правото на приредување на одредени видови игри на среќа во државна сопственост, преку трговско друштво.
Законското решение предвидува и воведување критериуми за „fit and proper“ за управувачките структури и поврзаните лица во компаниите што поседуваат лиценци, што, како што се наведува, е усогласено со препораките на MONEYVAL и меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам. Посебен акцент е ставен и на рекламирањето, кое се ограничува и делумно забранува во насока на спречување агресивни кампањи и поттикнување на малолетници, како и забрана за реклами кои создаваат впечаток дека игрите на среќа се начин за финансиска добивка или решавање социјални проблеми.
Дополнително, со законот се воведуваат нови механизми за контрола, вклучително и задолжително GPS-позиционирање на автоматите за игри на среќа, поврзано со Управата за јавни приходи, со цел спречување на нелегално поставување и зајакнување на инспекцискиот надзор. Се воведува и критериум за оддалеченост од најмалку 500 метри од основни и средни училишта за дел од објектите, како и построги правила за издавање лиценци и зголемени глоби за прекршувања. Дел од приходите од оваа дејност, во износ од 60 до 120 милиони денари, и понатаму ќе се насочуваат кон поддршка на ранливи категории, меѓу кои инвалидски организации, здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст.
Од Министерството за финансии оценуваат дека со новиот закон се воспоставува повисоко ниво на правна сигурност, транспарентност и заштита на јавниот интерес, со очекувани ефекти во насока на намалување на нелегалното приредување, подобра заштита на малолетниците и усогласување со европските стандарди.
Од друга страна, Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) реагира дека новиот закон содржи одредби кои, според нив, се во спротивност со уставните гаранции за слободата на пазарот и претприемништвото, повикувајќи се на членот 55 од Уставот. Тие оценуваат дека воведувањето на дистанца од 500 метри од училишта претставува „дискриминаторска и неизводлива мерка“ која би можела да доведе до затворање на легалните објекти.
Од АПИС обвинуваат и дека законот е донесен без соодветна јавна расправа и консултација со засегнатите страни преку ЕНЕР платформата, со што, како што наведуваат, им било ускратено правото на учество во креирањето на регулативата. Според нивните проценки, новите одредби би можеле да загрозат околу 10.000 работни места во секторот, со потенцијални економски последици и иселување на работници.
Асоцијацијата дополнително предупредува дека ограничувањата може да доведат до намалување на државните приходи од оваа дејност, кои, според нивните тврдења, изнесуваат над 350 милиони евра годишно, како и да поттикнат пренесување на активностите во „сива зона“, односно нелегални игри на среќа. Во својата реакција, АПИС укажува и на ризик од зголемена нелегална понуда и губење на државна контрола, со повикување на претходни искуства и практики во регионот.












