вторник, септември 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Се зголемуваат праговите за јавни набавки од мала вредност

Се зголемуваат праговите за јавни набавки од мала вредност

1

Предлог-измените на Законот за јавни набавки денеска добија поддршка на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. Со измените се предлага зголемување на вредносните прагови за набавки од мала вредност, кои не се менувани од 2019 година.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, образложувајќи ги предложените измени, посочи дека кај класичниот сектор прагот за набавка на стоки и услуги се зголемува од 1.000 на 2.000 евра, додека за работи од 5.000 на 10.000 евра. Кај секторските дејности, пак, прагот за стоки и услуги се зголемува од 2.000 на 4.000 евра, а за работи од 10.000 на 20.000 евра.

Со измените се предлага и воведување годишен лимит за набавките под овие прагови. Тој би изнесувал 25.000 евра кај класичниот јавен сектор и 50.000 евра кај секторските договорни органи.

– Целта е да се намали административниот товар кај набавките со мала вредност, без притоа да се нарушат начелата на транспарентност и одговорност при користењето на јавните средства – рече Јанкуловски.

Предлог-законот предвидува и поедноставување на постапките за набавка на стандардизирани стоки и услуги. Договорните органи ќе можат да ги набавуваат овие производи преку електронските каталози на Бирото за јавни набавки, без дополнителна тендерска документација, во случаите предвидени со закон.

Една од новините е и обврската за секој договорен орган да донесе интерен акт со кој ќе се уредат постапките за јавни набавки. Со измените се зајакнуваат и надлежностите на Бирото за јавни набавки. Предвидено е Бирото да развива веб-сервиси, дигитални алатки и решенија засновани на вештачка интелигенција, со цел автоматизирано следење на процесите и навремено откривање на потенцијални ризици.

Промени се предвидени и во делот на надоместоците за поднесување жалба. Според предлагачот, целта е да се обезбеди поефикасна правна заштита во постапките за јавни набавки.

ИЗДВОЕНИ