вторник, септември 29, 2026
Дома МАГАЗИН Нова студија покажа: Едноставна промена во исхраната може да го забави биолошкото...

Нова студија покажа: Едноставна промена во исхраната може да го забави биолошкото стареење

0

Нова студија покажува дека промената на рамнотежата на храната во исхраната може да помогне во забавувањето на биолошкото стареење на телото за само неколку недели.

Научници од Универзитетот во Сиднеј спроведоа студија во која учествуваа 104 лица на возраст од 65 до 75 години. Учесниците беа поделени во четири групи, а во текот на четири недели, истражувачите на секоја група ѝ обезбедија различен тип на исхрана, пренесува Science Focus.

Една група добиваше полувегетаријански оброци богати со масти. Друга група добиваше полувегетаријански оброци богати со јаглехидрати. Третата група се придржуваше до мешана исхрана – која вклучуваше храна од животинско и од растително потекло – богата со масти, додека четвртата група следеше мешана исхрана богата со јаглехидрати.

|На почетокот и на крајот од четиринеделниот период, се мереше биолошката возраст на учесниците – сеопфатна проценка на клеточната и метаболичката функција. За таа цел беше користен методот „Клемера-Дубал“ (Klemera-Doubal); тој зема предвид различни биомаркери и параметри, вклучувајќи ги нивоата на инсулин, холестеролот и крвниот притисок.

Најмалку промени беа забележани кај групата што следеше мешана исхрана богата со масти, бидејќи нивниот внес на хранливи материи беше најсличен на она што го консумирале пред студијата. Сепак, сите други три групи покажаа намалување на биолошката возраст на крајот од четиринеделниот период. Најизразено намалување беше забележано кај групата што консумираше храна и од животинско и од растително потекло, со поголем внес на јаглехидрати и помал внес на масти.

Важно е да се напомене дека овие јаглехидрати биле минимално преработени; повторувањето на студијата со користење на купечки бел леб и кесичка чипс немаше да даде толку позитивни резултати.

Овие промени се „во согласност со претходните докази дека исхраната богата со сложени јаглехидрати може да го продолжи животниот век и да го подобри метаболичкото здравје“, наведоа научниците во резултатите од студијата објавени во списанието „Aging Cell“.

Д-р Кејтлин Ендрјус, водечкиот автор на студијата, изјави дека истражувањето покажува како „исхраната навистина може да има значително влијание врз нашата физиологија, дури и во релативно кратки периоди и во подоцнежните години од животот“.

„Мислам дека има голема смисла да се премести фокусот од ограничувањето на храната кон целокупниот квалитет и баланс на исхраната“, додаде таа. „Малите, реални и одржливи промени во целокупниот квалитет на исхраната сепак можат да имаат значително влијание врз здравјето како што старееме.“

ИЗДВОЕНИ