вторник, септември 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нафтата повторно „тече“ низ Ормускиот тесенец – сообраќајот се враќа приближно на...

Нафтата повторно „тече“ низ Ормускиот тесенец – сообраќајот се враќа приближно на 70% од нивоата пред војната

0
Фото: EPA/NEIL HALL

Сообраќајот на нафта низ Ормускиот теснец значително закрепна и моментално достигнува меѓу 65 и 70 проценти од нивоата пред војната, според аналитичката компанија „Вортекса“ (Vortexa). Податоците се однесуваат на вкупните количини на нафта и нафтени производи, вклучувајќи го течниот нафтен гас (ТНГ) и дериватите како што е бензинот.

Кога станува збор само за сурова нафта и гасни кондензати, околу 80 проценти од количините од периодот пред војната сега минуваат низ Ормускиот теснец, според „Вортекса“.

Според проценката на таа компанија, минатата недела низ теснецот минувале во просек по 11,2 милиони барели дневно.

Податоците од друга аналитичка компанија, „Кплера“ (Kpler), исто така покажуваат силно закрепнување на извозот на нафта од Персискиот Залив.

Главните производители од Блискиот Исток извезле околу 12,8 милиони барели сурова нафта дневно во септември, што е најмногу од почетокот на американско-израелската војна со Иран кон крајот на февруари. Во февруари, извозот изнесувал околу 18,8 милиони барели дневно.

Околу 7,4 милиони барели сурова нафта дневно минувале низ самиот теснец Ормуз во септември. Само Саудиска Арабија го зголемила извозот на околу 5,4 милиони барели дневно, по 2,45 милиони во август.

Пред почетокот на војната, низ теснецот минувале околу 125 големи трговски бродови дневно, а околу 20 проценти од светското дневно снабдување со сурова нафта и течен природен гас минувало низ таа рута.

Сообраќајот по една од најважните енергетски рути во светот нагло опадна по почетокот на американските и израелските напади врз Иран на 28 февруари. Иранските закани и напади речиси го запреа вообичаениот сообраќај на танкери, принудувајќи ги земјите од Заливот да користат алтернативни нафтоводи и други извозни правци.

„Вортекса“ (Vortexa) дел од тековното закрепнување го поврзува со проширувањето на таканаречената „шатл-флота“. Помал број танкери, под заштита на американската морнарица, минуваат низ Ормускиот теснец, преземаат нафта од терминалите во Персискиот Залив, а потоа ја префрлаат на поголеми танкери што чекаат надвор од теснецот.

Истовремено, повторно се зголемува бројот на големи танкери што минуваат директно низ Ормуз. Според податоците на „Кплер“ (Kpler), само минатата недела низ теснецот поминале 19 големи саудиски танкери, од кои секој може да превезе околу два милиона барели нафта.

ИЗДВОЕНИ